Во очекување на стабилизација, распределби и утврдување на фактичката состојба во институциите, министерствата и сите надлежни органи на централно и локално ниво, работничките и работниците од текстилната индустрија во Македонија, продолжуваат да работат во досегашните услови, под истиот мобинг и притисоци, со неадекватни услови за работа и со неисплатени плати и прекувремена работа.
Токму поради неизвесноста, работодавачите уште повеќе „притискаат“ врз работниците, влевајќи им страв за да не се пожалат или да не излезат во јавност за проблемите во текстилната конфекција.
Штипското граѓанско здружение на текстилни и кожарски работници од источниот регион – „Гласно“ нуди опција за пријава на прекршување на работничките права, со што се гарантира анонимноста, а воедно, постои можност за правна заштита на работниците со повредени права, без страв дека потоа нема да им биде скратено правото на работа од работодавачите. Поднесувањето пријави за прекршување на работничките права се одвива по електронски пат, во потполна дискреција, односно, здружението „Гласно“ гарантира дека личните податоци на пријавувачите нема да бидат загрозени или искористени на незаконски начин.
Здружението ги охрабрува работниците да се борат за своите права, а со цел да се подигне свеста кај работниците, да се подобри нивниот социјален и општествен статус, како и да се подобрат механизмите за нивна заштита и нивно правно зајакнување. Повеќе информации работничките и работниците можат да најдат на веб страницата на Гласно.