„Ја цениме принципиелната позиција на Литванија за поддршка на европскиот пат на Северна Македонија, а особено сме благодарни што го препознавате нашиот напор, со добра волја и низ дијалог да ги надминуваме сите отворени прашања до затворањето на преговарачката рамка и до одржувањето на првата Меѓувладина конференција“, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на видео-средбата со министерот за надворешни работи на Литванија Линас Линкевичиус.
Министрите, како што соопшти МНР, разменија мислења и за добрососедските односи и за состојбите во регионот.
„Остануваме посветена на негување на добрососедските односи со континуирана имплементација на Договорите со Грција и Бугарија, затоа што преку нив создадовме нова енергија и придонесовме за обновување на интензитетот за проширување на ЕУ со земјите од регионот“, изјави Османи.
Министерот Линкевичиус укажа на безрезервниот и одлучен став на Литванија за продолжување со континуираната и видлива поддршка на нашата европска интеграција, пренесе дека Литванија останува отворена за споделување на искуства во сите области во Европската Унија и во преговарачкиот процес за кои нашата страна ќе покаже интерес.