УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Заклучоците се очекувани, во двотретински наспроти еднотретински соодноси: политичарите се расипани, „народот“ е морално супериорен во однос на елитите кои се корумпирани и криминални; довербата кон демократските институции е на рекордно ниско ниво; „народот“ преферира „цврста рака“ („униформираните“ институции, како црквата и армијата, се далеку попопуларни од цивилните институции на демократијата)… Спасот е во популистичките водачи кои би понудиле брзи решенија, сега и веднаш, по можност со компоненти на одмазда. И, да, етничките Македонци се (пристојно речено) најконзервативниот дел од „народот“, со најмногу изгубени нерви и трпение по сите битни демократски основи., читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Овдека повеќе нема збунети, сите полека полудуваат!“
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
СОСТАНОК: Министерот за надворешни работи на Република Северна Македнија, Бујар Османи денеска и утре во Рига ќе учествува на редовниот состанок на Северноатлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи.
-За време на дводневните работни сесии ќе бидат разгледани прашања од стратешко значење на Алијансата, како што се состојбите во Авганистан, справување со актуелните и идни безбедносни предизвици, како и соработката со партнерите. Министрите ќе расправаат и за новиот Стратешки концепт на НАТО, како значаен документ во однос на идната геостратешка улога на Алијансата. Од особено значење ќе биде дискусијата за стабилноста и просперитетот на Западен Балкан, каде се очекува да биде истакната потребата од заедничко, стратешко делување и пристап на НАТО и ЕУ кон Западен Балкан како основен предуслов за стабилноста и просперитетот на регионот, се вели во соопштението од МНР.
На маргините на состаноците во Рига, како што информираат од Министерството за надворешни работи, во агендата на Османи се предвидени и бројни билатерални средби со министри за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.
ПАНЕЛ: „Борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија – Превенција, Гонење, Заштита и Партнерства“ е темата на денешната панел дискусија на која владини претставници и национални и меѓународни партнери ќе споделат информации за борбата против трговијата со луѓе во земјава.
На настанот, кој е организиран од Амбасадите на Шведска и Франција и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, националните и меѓународните партнери ќе имаат можност да дискутираат за моменталната состојба и достигнувањата, за предизвиците, да предложат препораки и да ја потврдат и зајакнат соработката во нивните напори да ја потиснат и искоренат трговијата со луѓе.
Според организаторите, главни говорници на настанот ќе бидат специјалниот амбасадор за борба против трговијата со луѓе во шведското Министерство за надворешни работи Ана Екстед, амбасадорот за борба против транснационалните криминални закани во француското Министерство за Европа и надворешни работи Жан-Клод Бруне, заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Џеф Голдштајн и заменик националниотр координатор на Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција Светлана Влаховиќ-Димановска.
СОВЕТ: Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе учествува на 19-тиот состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница што ќе се одржи во Белград, Република Србија, која е преседавач со Eнергетската заедница за 2021 година.
На состанокот на Министерскиот совет на Енергетска заедница ќе се дискутира за повеќе теми од енергетиката, кои се опфатени со Договорот за основање на Енергетската заедница, меѓу кои статусот на имплементација на Договорот во областите електрична енергија, природен гас, обновливи извори на енергија, клима, енергетска ефикасност, животна средина.
Како што соопштија од Министерството за економија, во рамки на состанокот ќе се гласа и за назначување на директор Секретаријатот на Енергетска заедница.
ПОСЕТА: Во посета на Република Северна Макеоднија денеска ќе престојува министерка за внатрешни работи на Италија, Лучана Ламорџезе.
Предвидено е Ламорџезе да учествува на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа што ќе се одржи претпладнево во Скопје.
ЕНЕРГЕТИКА: Претседателот на Регулаторната комсија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски денеска ќе заседава со 50-тиот Борд на регулатори на Енергетската заедница што се одржува во Атина. Бислимоски го заокружува првиот мандат и се очекува да биде изгласан за втор мандат како претседател на Бордот на регулатори.
На состанокот регулаторите ќе ги отворат сите аспекти на енергетската состојба и како земјите од регионот се справуваат во предизвикот за обезбедување на електрична енергија и природен гас.
ПАНЕЛ: Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“ организира панел дискусија на тема: „Лица со попречености во РСМ, тешкотиите и пречките со кои се среќават во секојдневниот живот“. Панелисти ќе бидат: Шпенди Салија – претседател на Здружението за лица со попречености „Заедно можеме“, Небехат Ливарека – активист и познавач на прашањето на лицата со попречености, Џеват Фејзули – претседател на Здружението на слепи и лица со оштетен вид „Реалитети“.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев