Со мнозинство гласови, уставните судии денеска одлучија да поведат постапка за утврдување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации. Мнозинството судии на седницата изразија сомнеж, дека преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори!
Уставниот суд сега треба да го утврди решението од денешната седница, што најрано би се случило на 5 јули, а потоа, да го достави до Собранието, како подготвувач на законот.
Законодавниот дом има рок од 30 дена да достави известување до Судот, врз основа на кое ќе биде подготвен предлог за понатамошно одлучување. Потоа, ќе се закаже седница на која судиите ќе одлучуваат дали ќе го укинат, поништат или ќе бараат измена на оспорениот член.
Членот 175 беше воведен со измените на Законот за електронски комуникации, од почетокот на 2014 година, и ги обврза телекомуникациските оператори „сами, на сопствен трошок, да ја обезбедат и да ја одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење“.
Укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е една од препораките во извештајот на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, од 2015 година.