Сѐ поизвесно е дека СДСМ нема да се одлучи за предвремени избори, туку во недела, во Охрид ќе се одлучат за целосно реформирање на владиниот кабинет.
Според партиски извори, не се отфрла ниту најрадикалното сценарио, а тоа е цела влада да даде оставка, заедно со премиерот Зоран Заев, а коалицијата формирана на 27 април 2017 година, ќе замине во историјата.
Ако се спроведе ова сценарио, тогаш Зоран Заев ќе побара нов мандат од претседателот Стево Пендаровски и ќе почне нови преговори за владина коалиција. Во овие преговори ќе се вклучат сите партии, освен ВМРО-ДПМНЕ, а ќе се преговара и со осумте независни пратеници избркани од ВМРО-ДПМНЕ, како и со албанската опозиција.
Ако со овие групи и со актуелните, помали партнери, СДСМ постигне договор за коалиција, тогаш мнозинството ќе има околу 70 пратеници и без ДУИ. Еден од условите, најважен за формирање коалиција, ќе биде и гласање на новиот закон за СЈО со полн мандат и како независна институција.
Ова се очекува да биде главниот услов за ДУИ со чии, пак, пратеници, владината коалиција би имала комотно двотретинско мнозинство. Дали во СДСМ ќе се оди на ваква, радикална реформска опција или само за делумно реформирање на владиниот кабинет, се очекува да се дознае во недела.
Арбен Зеќири
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.