УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Русија и Македонија своите билатерални односи ги базираат врз фактот што не споделуваат меѓусебна географска граница, а ни значајна економска или енергетска соработка – во таа смисла, ние сме најмалото од сите мали „џуџиња“ во однос на руските интереси – но се испреплетени во регионалниот контекст на Балканот. Ја продолжи ли Русија стратегиската конфронтација со Западот и на воено-оперативен план, макар и преку прокси-конфликтот во Украина, тогаш Балканот станува (односно, продолжува да биде) еден од најважните европски региони за дестабилизирање на западните интереси на Континентот, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Македонско-руски односи: Мангуп, кројач, војник, шпион“
Кои лекции (не) ги научивме? ЦИВИЛ денес ќе ја презентира анализата на локалните избори
Резултатите од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ во кој учествуваа повеќе од 330 луѓе, вклучително и експертските и координативните тимови на организацијата, ќе бидат претставени на јавниот настан „Локални избори 2021: Научени лекции“, денес, 23 декември, во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион), со почеток во 12 часот.
Финалниот извештај, анализите и препораките што произлегуваат од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ ќе бидат објавени во публикацијата „Локални избори 2021: Научени лекции“ која, по одржувањето на јавниот настан ќе биде објавена онлајн, на медиумската платформа на ЦИВИЛ. На располагање ќе бидат и 300 примероци од публикацијата, на македонски, албански и англиски јазик. Во подготовката на публикацијата учествува целиот тим на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦивилМедиа, како и широк круг на соработнички и соработници на организацијата.
НАСТАНИ
СЕДНИЦА: Во Собранието за денеска е закажана седница за пратенички прашања, како и продолжение на уште пет други собраниски заседанија.
За во 11 часот во Големата сала е закажана 55-та собраниска седница, на чиј дневен ред е само точката за Поставување на пратенички прашања.
Според најавите, пред оваа седница се очекува претседателот на Собранието, Талат Џафери да ја констатира вчера доставената оставка на премиерот Зоран Заев.
ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА: Министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска на прес-конференција (12.00) ќе го претстават Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти.
Со предлог законот, усвоен е од Владата и доставен до Собранието, се предвидува можност за легализација на дивоградби изградени пред 1 јануари 2021 година.
.ПРЕЗЕНТАЦИЈА: Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“ денеска ќе го презентира извештајот од мониторингот на квалитетот на водите од Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро за 2021 година.
КУЛТУРА: Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) денеска ќе го промовира зборникот „Конески на 11 јазици“ – зборник од преводите на учесниците од напреднато ниво на познавање на македонскиот јазик на Првата зимска школа и на 54. Летна школа.МСМЈЛК при УКИМ ја отвори манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ кон крајот на јануари, поточно од 25 јануари до 5 февруари кога ја организираше Првата зимска школа на далечина (онлајн) што одлично се вклопи во целокупната национална платформа.
КОМИСИИ: Собраниската Законодавно-правна комисија денеска треба да одржи седница на чиј дневен ред се четири барања за автентично толкување на членови од закони – две барања се од пратеници и две се поднесени од градоначалници. Членовите на Комисијата треба да разгледаат барања за автентично толкување на член од Законот за пожаникарство, поднесено од пратеникот Антонијо Милошоски, и на член од Законот за денационализација – барање поднесено од пратеникот Исмаил Јахоски.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев