Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) категорично ги осудуваат упатените закани кон претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани.
– За нас е целосно неприфатливо да се спречува слободата на изразување и професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било притисоци и уцени. Упатувањето закани кон новинарите истовремено е атак врз демократијата и ограничување на можноста јавноста да има пристап до информации и идеи од различен вид, се вели во денешното соопштение на МИМ, СЕММ, ССНМ и ИКС.
Тие ги повикуваа надлежните институции навремено да реагираат и да ги преземат неопходните мерки за да се расчисти случајот и да се спречи повторување на ваквите инциденти.
– Потсетуваме дека државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слободата на изразување, се наведува во заедничката осуда на МИМ, СЕММ, ССНМ и ИКС.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.