Како дел од Конференцијата на ЦИВИЛ „Перспективи 2022“, утре во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје ќе се одржи панел – дискусијата „Едно општество за сите – сегашност и перспективи“.
Учесници на панелот се Роберт Алаѓозовски – национален координатор за интеркултурализам и Едно општество, Џелал Хоџиќ – заменик директор во Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Ели Чакар – државен советник во Министерството за локална самоуправа, Марина Тунева – извршна директорка на СЕММ и експерт, Лулзим Хазири – извршен директор на граѓанската организација АДИ од Гостивар, и Џабир Дерала – претседател на ЦИВИЛ.
На панелот преку видео – обраќања и специјални интервјуа на оваа тема ќе учествуваат и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Весна Бендевска, министерот за правда Бојан Маричиќ, министерката за образование и наука Мила Царовска и министерката за труд и социјална работа Јагода Шахпаска.
Каква е состојбата со спроведувањето на Стратегијата „Едно општество за сите“? Каде има напредок, кои се слабостите? Кои се очекувањата, препораките и прогнозите за претстојната година? Учесниците на овој дел на Конференцијата „Перспективи“ 2022 ќе зборуваат за досегашните постигнувања и предизвици во нивните области, како и за тоа што треба да се направи и што не очекува во однос на спроведувањето на овој концепт во идната 2022 година.
Панел – дискусијата ќе трае 90 минути, и ќе се одвива во комбиниран формат – со физичко присуство и онлајн преку платформата Зум. По обраќањата, ќе следува дискусија со панелистите и учесниците на конференцијата, а онлајн заедницата ќе има можност да коментира и поставува прашања. Целиот настан ќе биде пренесуван во живо преку онлајн платформите на ЦИВИЛ Медиа.