УТРИНСКИ КОЛУМНИ
После вчерашните заклучоци на Советот на ЕУ за новото одлагање на почетокот на пристапниот процес за интеграција на земјава во Унијата („што е можно поскоро“ – уууу, еве европска празна фраза што до сега не е чуена!), Македонија по којзнае кој пат ќе си продолжи во продлабочување на внатрешната политичка криза, со сите познати и добро натапкани патеки на споро, но неумоливо тонење кон дното. Додека во месеците што доаѓаат домашните експерти за евроинтеграции и стручњаците за политичка метеорологија ревносно ќе ги толкуваат точките и запирките во јаловите европски документи и повремените лидерски изјави за пријателство и искри на надеж – од тие камења ние цедиме вода за преживување веќе три полни децении – политичката дебата полека ќе се движи кон радикализирање на реториката, барањата, махинациите и пазарењата во домашниот политички театар, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Нашите мили Европејски шупци!“
Панел на ЦИВИЛ „Едно општество за сите, сегашност и перспективи“ денес во Меморијалниот центар на холокаустот
Како дел од Конференцијата на ЦИВИЛ „Перспективи 2022“, утре во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје ќе се одржи панел – дискусијата „Едно општество за сите – сегашност и перспективи“.
Учесници на панелот се Роберт Алаѓозовски – национален координатор за интеркултурализам и Едно општество, Џелал Хоџиќ – заменик директор во Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Ели Чакар – државен советник во Министерството за локална самоуправа, Марина Тунева – извршна директорка на СЕММ и експерт, Лулзим Хазири – извршен директор на граѓанската организација АДИ од Гостивар, и Џабир Дерала – претседател на ЦИВИЛ.
На панелот преку видео – обраќања и специјални интервјуа на оваа тема ќе учествуваат и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Весна Бендевска, министерот за правда Бојан Маричиќ, министерката за образование и наука Мила Царовска и министерката за труд и социјална работа Јагода Шахпаска.
НАСТАНИ
ПОСЕТА: Шефот на државата Стево Пендаровски, денеска, ќе престојува во официјална посета на Косово. Тој во Приштина ќе има средби со неговата косовска колешка Вјоса Османи-Садриу, со претседателот на Парламентот на Косово, Глаук Коњуфца и со премиерот Албин Курти.
Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски со државни и воени почести ќе биде пречекан од Османи-Садриу по што ќе одржат тет-а-тет средба, а ќе следи и пленарен состанок на делегациите на двете земји.
Во рамки на престојот во Косово, претседателот Пендаровски во Пеќ ќе ја посети Регионалната команда на КФОР – Запад и припадниците на македонскиот контингент во составот на Мисијата.
СЕДНИЦА: Во Собранието денеска ќе се одржат седници на три собраниски комисии. Комисија за еднакви можности на жените и мажите ќе одржи седница за јавна расправа на тема: „Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик“.
Седници ќе одржат и Комисијата за здравство и Законодавно-правна комисија, кои ќе расправаат по предлозите на законите за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување и на Законот за здравствената заштита.
Двата предлози за измени и дополнувања се носат по скратена постапка.
ДОДЕЛУВАЊЕ: Граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“ денеска во Спомен–куќата на Мајка Тереза свечено ќе ги додели годинашниве Посланија за хуманост и статуетки со ликот на Мајка Тереза.
Овогодишни добитници на признанијата се ГОБ „8 Септември“ – Скопје, Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, Вакциналниот ковид – пункт на Поликлиниката ,,Букурешт”, Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри ,,За нас”; ПЗУ Ординација по семејна и општа медицина во Општина Гази Баба и Здружението за поддршка, интеграција и ресоцијализација на лица во социјален ризик „ЦСИ ЛИНК“.
Свеченоста ќе одржана во според ковид-протоколите, а на неа ќе настапат познатите македонски музички уметници Драган Мијалковски и Серафина Фантаузо.
ОТВАРАЊЕ: Министерствата за животна средина и просторно планирање и за економија, во соработка со „Елем Турс“, денеска ќе го спроведат настанот „Шарска белина – шарска убавина“ – отворање на Скијачката сезона во Ски- центарот „Попова Шапка“, на паркингот над хотел Славија на Попова Шапка.
Како што е најавено, обраќања ќе имаат министрите за животна средина и просторно планирање и за економија, Насер Нуредини и Крешник Бектеши и директорите на „Елем Турс“ и на Националниот парк „Шар Планина“, Адем Авзиу и Ибрахим Дехари.
ПРОГРАМА: По повод 74 години постоење на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје денеска се организираат „Денови на кариера“, поддржани од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Во рамките на „Денови на кариера“ до 16 декември 2021 година ќе се одржуваат четири последователни настани.
Под мотото „Запознај го својот иден вработен/работодавец!“ во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје денеска ќе се одржи пленарна седница, саем на кариера и панел дискусија.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев