Русија сака повторно да се приклучи во Советот за човекови права на Обединетите нации, откако беше исфрлена минатиот април поради воената агресија врз Украина. Москва е наведена на веб-страницата на Обединетите нации како кандидат за избор на членови на Советот за човекови права за мандат 2024-2026 година, што треба да се одржи на 10 октомври, објави Би Би Си.
Членството се заснова на правична географска распределба, со две слободни места во регионалната група на источноевропски земји. Досега за тој регион својата кандидатура ја најавија Русија, Албанија и Бугарија. Во документот што беше проследен до членките на ОН, а во кој имал увид Си-Ен-Ен, Русија наведе дека смета оти Советот за човекови права е клучно тело во составот на Обединетите нации.
Во гласањето ќе бидат вклучени сите 193 членки на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Тамошните дипломати велат дека Русија води агресивна кампања, нудејќи им на малите земји жито и оружје во замена за нивните гласови.
Како такви, тие сметаат дека е сосема можно Русија да се врати во Советот.
Дипломатите истакнаа дека Русија се надева дека ќе поврати одреден меѓународен кредибилитет откако беше обвинета за кршење на човековите права во Украина и во рамки на нејзините граници.
Последните докази за тие злоупотреби беа презентирани вчера пред Советот за човекови права во извештајот на истражната комисија на ОН за Украина.
Ерик Мозе, претседател на комисијата, истакна дека има постојани докази за извршени воени злосторства од страна на Русија, вклучувајќи тортура, силување и напади врз цивили.
Г. Т.