Веднаш по претседателските избори во 2019 година, поттикнати од јавното се обелоденување на привилегиите кои Ѓорѓе Иванов ќе ги ужива како поранешен претседател на државата, ЦИВИЛ излезе со соопштение за тоа дека е крајно време да се стави крај на расипништвото.
Привилегиите на Иванов беа само тригер за тоа што ЦИВИЛ со години наназад го пишува и за што предупредува. Тоа е фактот дека огромна сума наши пари, од касата на државниот буџет се трошат на привилегиите на поранешни и сегашни функционери. Соопштението доби огромна поддршка од јавноста, па оттука произлезе идејата за иницијативата #КрајЗаРасипништвото, на 14 мај 2019 година.
Три дена подоцна, на 17 мај во пет минути до 12 часот, во присуство на голем број медиуми, активистки и активисти, ЦИВИЛ и официјално ги достави барањата до Собранието на Република Северна Македонија.
„Милиони евра чинат апанажите, пензиите и другите привилегии и придобивки што ги имаат поранешни, но и сегашни функционери. Едноставно тоа мора да престане веднаш!
Ние денеска ќе доставиме барање, кое во јавноста одекна многу силно, а се однесува на привилегиите и бенефициите како на актуелните, така и на поранешните функционери, како на оние што се избрани, така и на оние кои што се именувани. И ќе очекуваме реакција од парламентарците. Во овој дом се направени тие проблеми, во овој дом се изградени тие системи за црпење на ресурсите на граѓанките и граѓаните и во овој дом, очекуваме, или поточно, категорично бараме тие неправди да се исправат!
Можеби некој ќе помисли дека повод за ова наше обраќање пред Законодавниот дом е она што претпоставува пензија на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, да можеби тоа беше повод, но секако веќе одамна, многу одамна зборуваме за тоа дека привилегиите, бенефициите и расипништвото на власта на било кое ниво во државата мора да престане и дека не може повеќе да биде издржано. Тоа подразбира дека овој Законодавен дом треба да ги ревидира законските одредби кои ним им даваат огромни бенефиции и исто така, да укине голем дел од нив и се разбира тоа да го направи во најитна можна постапка.
Во една социјална држава каква што според Уставот е Република Северна Македонија, не смееме повеќе да дозволиме, ниту еден денар да оди залудно заради тоа што некој, тука, во овој Законодавен дом решил да даде големи бенефиции како на актуелни функционери, така и на оние кои веќе го завршиле мандатот“, порача претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, пред влегувањето во Собранието на 17 мај.
Неколку политичари, меѓу кои и Претседателот Стево Пендаровски, ја дадоа својата поддршка веднаш и во деновите по почетокот на иницијативата.
На 5 јуни, ЦИВИЛ организираше и трибина „Крај за расипништвото“ каде заинтересираните граѓанки и граѓани имаа можност подетално да се запознаат со барањата на ЦИВИЛ кои се однесуваат на намалување и укинување на привилегиите на јавните функционери. Од оваа трибина подоцна произлезе и работна група која оваа иницијатива ја преточи во онлајн верзија која до крајот на септември ја потпишаа над 6.000 граѓанки и граѓани.
Овие граѓан(к)и ја поддржаа иницијативата за укинување на апанажите на било кое ниво и за било која позиција; укинување на доживотните пензии за поранешните претседатели, до моментот кога тие исполнуваат услови за пензија, соодветно на примањата што ги имале во текот на работниот век; укинување на парични и други надоместоци за сите управни одбори, односно позицијата во тие и слични тела треба да биде почесна, а не платена; укинување или спојување на државните агенции, со намалување на бројот на вработени; укинување на сите привилегии што се поврзани со користење на службените возила, репрезентации, обезбедување на функционерите и други прескапи привилегии; драстично намалување на патните трошоци на функционерите, односно, обезбедување средства во висина на цената за јавен превоз; воспоставување на пракса за забрана за набавка на службени возила од средна и висока класа; укинување на дискреционите овластувања на функционерите… Ова се дел од барањата што ЦИВИЛ ги достави до пратениците во Собранието, но и ги презентираше пред јавноста.
По завршувањето на петицијата ги интензивира активностите околу Иницијативата и јавно побара од институциите, пред сѐ, од Собранието да преземат конкретни чекори за укинување на привилегиите што скапо ги чинат граѓанките и граѓаните.
За жал, до денес, Собранието не одговори на нашите барања. Но затоа, пак, Државната комисија за спречување на корупција и конфликт на интереси, денеска во 12 на седница ќе ги разгледува и анализира патните трошоци на пратениците за периодот од 2015-2019 година. Втора точка на дневен ред е постапување по конкретни предмети.
ЦИВИЛ ја поздравува најавата на ДКСК за засилено следење на активностите на политичарите и државните функционери во предизборниот период. Ова еден мал, но сепак голем чекор во полза на барањата од иницијативата на ЦИВИЛ, #КрајЗаРасипништвото.