Никој нема да Ви го заборави овој извонреден напор што го правите, изјави денеска претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски при посета на касарната „Мирче Ацев” во Прилеп и опожарените места кај с.Топлица, при што беше информиран за активностите што за гаснење на пожарите во Прилепско.
Како што соопшти неговиот Кабинет, претседателот Пендаровски беше информиран дека во прилепската касарна се одвива координација со припадниците на Армијата од неколку околни општини, како и дека соработката со другите институции е одлична.
При обиколката на опожарените места во околината на село Топлица, претседателот Пендаровски беше информиран за ангажираните армиски капацитети, како и за обврските на Армијата при локализирањето на пожарите во оваа област.
Во разговор со припадниците на Армијата претседателот Пендаровски ја нагласи нивната професионалност и посветеност. Во оваа насока, како што истакна тој, соодветно ќе биде вреднуван несебичниот ангажман на сите припадници на Армијата во изминатите денови.