„Вековната традиција на мултиетничка коегзистенција и почитување на различните од нас се наша важна стекната вредност. Најголем успех на државата е кога сите нејзини граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или припадници на други етнички заедници, независно дали се христијани, муслимани, Евреи или атеисти ја чувствуваат како своја единствена заедничка татковина“, изјави претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски на конференцијата на ЦИВИЛ „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“.
Тој додаде дека за жал, стагнацијата во европските интеграции, етнизацијата и партизацијата на политиката и на институциите доведоа до длабока поларизација во општеството. И денес сме, а и во иднина ќе бидеме исправени пред предизвикот: што да направиме за да ја подобриме состојбата?
„Мојата прва теза е дека најповолни услови за мултиетничка кохезија нуди функционалната демократија. Во едно етнички, јазично и верски хетерогено општество, какво што е македонското, единствено функционалната демократија може да осигура заеднички живот за различните идентитети. Функционалната демократија овозможува хармонизирање на интересите, заедничко градење на политиките и обединување околу јавниот интерес.
Притоа, овој процес е двонасочна улица. Ако сме сите исти, тогаш немаме ништо уникатно да придонесеме, ниту нешто ново да научиме од другите. Затоа, колку што демократијата ја крепи различноста, толку различноста ја збогатува демократијата“.
Д. М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фото: Биљана Јордановска