Правото на образование е едно од фундаменталните права и е насочено кон сестран развој на личноста. Ако Универзалната декларација е во симболична смисла – дом на човековите права, тогаш правото на образование е клучот што ја отвора вратата или кодот што е неопходен за разбирање и уживање на сите други права и слободи. Без соодветно образование многу права ќе бидат само декларативни.
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на панел-дискусија под наслов „Човековите права од образовни перспективи“ на Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје по повод 10 декември – Денот на човековите права.
Тој посочи дека и денес, образованието кај нас, но, и во многу други држави, се соочува со повеќе предизвици, од кои издвои два, дискриминацијата и демотивацијата.
„Дискриминацијата во образованието е една од најдеструктивните бидејќи го поткопува човековото достоинство и го уназадува развојот на човековата личност, а најчести жртви се децата и младите„ вели шефот на државата.
Тој потсети дека вчера, на 14 декември се навршија 62 години од усвојувањето на Конвенцијата против дискриминација во образованието на УНЕСКО, која ја забранува дискриминацијата врз основа на раса, боја на кожа, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално или социјално потекло, економска состојба или раѓање. Иако Конвенцијата придонесе за значаен напредок, сепак, се уште егзистираат нови и стари форми на дискриминација во образованието.
“Последниот Извештај за човековиот развој на УНДП потврди дека се шири јазот на нееднаквоста во државите, вклучително и јазот во дигиталното образование. Највисоката цена ја плаќаат најсиромашните, кои се најранливи во кризни времиња. Познато е дека, на пример, пандемијата ги исклучи оние ученици и студенти кои немаа пристап до брз интернет или до соодветен компјутер за да ја следат онлајн наставата”, истакна Пендаровски.
Но, додаде тој, освен новите се уште постојат и стари форми на дискриминација, како што се стереотипите и предрасудите што водат до маргинализација и врсничко насилство.
„Вo февруари годинава македонската јавност дозна за случајот на 11-годишното девојче од Гостивар кое поради Даунов синдром беше маргинализирано во наставниот процес. Минатиот месец, се сретнав со семејството на ученикот од едно основно училиште во Градско, кој бил изложен на континуирано врсничко насилство од страна на соучениците во последните две години. Ова се само два од, за жал, многубројните случаи што оставаат трауми во животите на учениците и на нивните семејства. Овие два случаи покажуваат дека подеднакво можат да бидат дискриминирани и децата со типичен, но и оние со атипичен развој„ рече Пендаровски.
Тој понатаму истакна дека инклузијата во образованието не е само формално-правна, тоа е и наша морална обврска.
„ Државата мора, во соработка со наставниот кадар и семејствата, да ја прекине спиралата на насилство. При тоа, секој треба да биде свесен за последиците од своите постапки. А токму тоа е функцијата на образованието, но и на воспитанието – да им помогнат на младите да станат одговорни членови на заедницата.
Инклузивното образование е многу повеќе од можност за физичко вклучување во секој сегмент од општеството. Тоа подразбира и промовирање на инклузивни вредности. Не е доволно да има пристапни рампи во училиштата и универзитетите за учениците и студентите со физичка попреченост, ако тие, од прагот, натаму не се чувствуваат добредојдени и прифатени„ потенцира Пендаровски.
Во однос на проблемот со демотивацијата, пак, како втор голем предизвик на образованието во земјава, Пендаровски нагласи дека краткиот преглед врз состојбите открива дека имаме ниски вложувања во образованието и раширената перцепција дека тешко се напредува врз основа на сопствените квалитети. Оттука се, вели, и лошите резултати и ниското рангирање на меѓународните тестови за ученици и студенти, бидејќи кога младите луѓе не се убедени дека образованието ќе им помогне да напредуваат и да успеат, тогаш бараат алтернативни коридори.
„Еднаквото човечко достоинство во општеството не се постигнува преку еднаква распределба на богатството или моќта, туку преку еднаков пристап и можноста за квалитетно образование. Многу повеќе од богатството и од моќта, токму образованието е клучот за човечкото достоинство.
За да го решиме проблемот со демотивацијата, неопходно е образованието да добие вистински третман во општеството. Потребни се системски зафати за да имаме сеопфатно, квалитетно и дигитализирано образование, прилагодено на современите светски трендови и на пазарот на трудот. Мора да вложуваме далеку повеќе во секоја етапа од образованието, да ја зајакнеме релацијата меѓу образовните институции и компаниите, да ја подигнуваме функционалната писменост и подготвеноста на младите за кариерен развој“, порача Пендаровски.
Притоа, истакна Пендаровски, дека преку образованието не стекнуваме само вештини потребни за пазарот на трудот, туку и светоглед што треба да ни помогне да се ориентираме во животот. Инклузивното и квалитетно образование е предуслов за слободна размена на идеи и знаења што го прават животот вреден за живеење.
Подготви: Н.Абдурахмани