Тоа што го знам и го добивам од безбедносните органи е дека постојат елементи кои во земјава доаѓаат од регионот. Северна Македонија во овој момент е под интензивирани хибридни напади слични на нивото кое го имавме во 2018 година, изјави претседателот Стево Пендаровски на вечерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, пренесе државната агенција МИА.
„Значи, Северна Македонија во овој момент е под интензивни хибридни напади, слични на нивото што го имавме во 2018 година кога организиравме референдум за името и тоа нема никаква врска со луѓето кои протестираат. Пред два дена на социјалните мрежи имаше објави за луѓе во Гостивар и Тетово во униформи на УЧК и сега тоа го врзуваат со изјавата на Османи… Нема врска со УЧК, ниту некој добива закани“ – истакна Претседателот Пендаровски.
Пендаровски рече дека Руската Федерација ги злоупотребува протестите и информираше дека има странци кои се дојдени да предизвикуваат инциденти на протестите.
„Трети страни, прецизно Руската Федерација го злоупотребува тоа што граѓаните легитимно протестираат против францускиот предлог. Имаме неколку луѓе кои се дојдени од соседните држави и предизвикуваат инциденти на протестите, истакна претседателот и додаде дека овие податоци ги знаат сите надлежни органи и во соработка со НАТО се прави сè за да се превенира, бидејќи и од таму се добиваат информации за тоа кој пристигнал“ – откри Пендаровски во емисијата.
Понатаму, Пендаровски нагласи дека на самите протести има некои симболи, обележја, со кои, како што рече се заговара втор 27 април, но и реванш за 2001 година и додаде дека тие идеи и пораки почнуваат да се кодираат.
„Во ова време сега, кога имаме брутална руска агресија во Украина, одредени политички структури повторно играат на руска карта и не водат сметка за интересите на сопствената држава“ – рече Пендаровски.
Шефот на државата, во својот ТВ настап, меѓу другото, кажа и дека безбедносната ситуација во Северна Македонија се затегнува.