„Не можам да толкувам какви се состојбите во ВМРО. Тоа е нивна внатрешна работа. Јас познавам многу искусни луѓе таму и се надевам дека нема да погрешат. Можам да зборувам она што го гледам јавно а тоа е дека тие се против уставни измени. Но, при тоа нема аргумент зошто се против. И мислам дека им е сосема јасно дека ова што е на масата не е никаков бугарски диктат и дека со ништо не го погазува македонскиот идентитет и јазик што се докажа со признавањето на нашиот јазик од сите земји членки на Унијата, вклучително и Бугарија и Грција“ рече членот на извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров во интервју за „Рацин“.
Тој додаде дека чесниот одговор што треба да го дадат е дека не е проблем во европскиот договор, туку тоа што не им допаѓа тајмингот дека се ова се случува во време додека е СДСМ на власт.
„Но, тоа не е аргумент. Утре така може и било кој друг да се однесува и државата да тапка во место. Нема ќар од таква политика. Само зијан за државата. И изгубени генерации. И уште многу години во празно“ рече Петров.
Поранешниот пратеник и градоначалник рече дека СДСМ има исправна позиција во однос на европското прашање, кое е натпартиско и обврска за сите.
„Иднината на земјата е во ЕУ. И тоа добро го знаеме сите. Тоа го подрржуваат повеќе од 70 проценти од граѓаните на Македонија. Јас не познавам политика на СДСМ во изминативе 30 години која не била на линија на ЕУ и НАТО. Дури и тогаш кога дуваа популистички ветрови дека сме потомци на Александар, дури и тогаш кога гласот на СДСМ личеше прилично осамен, ние сме ја држеле таа линија. Сетете се на влезот во ОН или на кандидатскиот статур за ЕУ или на рамковниот договор, секогаш беше СДСМ и секогаш беше на правата страна“ рече Петров.