ЗОРАН ИВАНОВ
И пред тоа но, еве, цели седум децении, од Тодор Живков наваму, со БАН и Цола Драгојчева и потоа преку Божидар Димитров до денешниве Ангел Димитров и Румен Радев, преку таа идентитетска негаторска константа на Бугарија спрема Македонија и Македонците, а кажано во само оваа една реченица, овдешното ВМРО, ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната собраниска седница наместо да се приклучи и да го поддржи македонското ЕУ движење и земјава да ја поттурне кон Брисел за конечно да нè оттргне од софијските негаторски канџи и заедно со другите европски држави за токму на тој мултилатерален бриселски терен да ги биеме нашите битки на бугарските неевропски теми, нашата актуелна опозиција пак, онака вообичаено за нејзината партиска, демек патриотска доктрина, ненамерно или смислено, сеедно, билатерално нè враќа кај негаторите на нашиот македонски историски, јазичен и културен идентитет поради што од вчера во Софија тријат раце и триумфално потскокнуваат што Македонија, која штотуку стапна на европскиот пат, некој од овде повторно ја втурнува назад на каракачановиот терен па, преку ним својствениот еквилибристички популизам, лидерите на овдешното ВМРО сега нека повелат нам на Македонците да ни ја објаснат својата победа во овој најнов македонски пораз.