ВЕСТ НА ДЕНОТ: Ахмети ги покани лидерите на албанските партии на средба, Заев изјави дека тоа е притисок врз него и коалицијата „Можеме“
Предсетаделот на ДУИ, Али Ахмети, на годишнината од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор на 13 август, ги кани на заедничка средба лидерите на парламентарните политички партии на Албанците, на Алтернатива Африм Гаши, Билал Касами на Беса, Зијадин Села на Алијанса за Албанците и Мендух Тачи на ДПА.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ваквата покана на Ахмети ја смета како притисок врз него.
„Да, го гледам ова како притисок врз мене, СДСМ и коалицијата ‘Можеме’, за премиер по предлог на ДУИ“, изјави Заев за ТВ21.
ЦИВИЛНИ ВЕСТИ
Повикот на ЦИВИЛ до своите членови, поддржувачи, соработници и сите заинтересирани граѓанки и граѓани да учествуваат во новата акција: Граѓански форум за учество во креирање на владините политики допре до голем број граѓанки и граѓани, активисти и поддржувачи на организацијата. На нашите електронски адреси веќе пристигнаа голем број пораки со артикулирани барања до идната влада, коишто ќе ги објавуваме во наредниот период на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Меѓу првите, на повикот се одзва Арбен Зеќири, новинар, кој во своето селфи видео, говори за тоа дека приоритети на Владата треба да бидат правдата, образованието, младите…
Граѓанската активистка Марија Пупулиева пишува:
Во изминатиот мандат од 3 и пол години, претходната Влада од сето она што го вети во предизборната кампања, оствари многу малку. Едно од главните ветувања беше дека ќе спроведе реформи во областа на правосудството, и дека сите оние кои се огрешиле пред законот ќе бидат соодветно казнети. Спроведувањето на реформи во правосудството беше еден од главните услови за добивање препорака за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Беше ветено дека ќе следи реизбор на судии и обвинители, меѓутоа ова воопшто не се случи, а ништо и од најавениот ветинг.
Мрежа на Tвитер профили – извор на говор на омраза и дезинформации во предизборната кампања, од извештај на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Од кабинетот на Пендаровски велат дека со верификација на мандатите на пратениците Собранието е конституирано.
Состанокот помеѓу членовите на Комисијата за заразни болести и работната група на Министерството за образование и наука за протоколите за реализација на наставата од 1 септември денеска поминал без заклучоци и ќе продолжи утре.
Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу ги потпиша актите за двојазични полициски амблеми, актите треба да се достават до Владата.
Директорката за Балканот во германското Министерството за надворешни работи, Сузане Шутц смета дека споровите во регионот на Западниот Балкан, вклучително и оној меѓу Северна Македонија и Бугарија, што би можеле да влијаат на членството во ЕУ, треба да бидат решени во духот на добрососедските односи.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во првиот дел од оваа кратка анализа, прочитајте за говорот на омразата, како едно од најважните оружја на криминалните структури во политиката. Кои се ефектите, пораките и мотивите за лансирање и водење на валканите кампањи?“, пишува Џабир Дерала во „Валканото оружје на криминалните структури (1)“.
А. Петровска