Прашањето за клиентелизмот е значајно прашање, и би го лоцирал повеќе во некој домен на причини за уназадување на демократијата. Тоа што можам да кажам е дека нема политичка партија, од овие поголемите, која е невина. Сите поголеми партии, па дури и во овој момент, имаат силни клиентелистички патронажни мрежи, и овие мрежи имаат свои очекувања. Така што, клиентелизмот е сериозен предизвик, вели Тони Поповски, политиколог, архитект, поранешен министер за животна средина, на панел дискусијата на ЦИВИЛ – „Демократско назадување: Импликации и последици“.
Тоа бара да имаме поинакви политички партии, а јас како љубител на метрика и индикатори, се сеќавам на еден податок дека по глава на жител, нашите политички партии имаат – на европско ниво највеќе регистрирани членови.
И тоа е доста симптоматично и карактеристично за нас. Кој е тој обем на симпатизери и членови, кои можеби и не се поврзуваат толку идеолошки со партиите, туку се поврзуваат за остварување на личен интерес , јас сум повеќе наклонет да верувам дека е ова второто.
Ние создадовме општество на можности, за да можеме да понудиме алтернатива на она што го сервисираат политичките партии. И тоа, меѓу други причини, ги создава овие наши проблеми и предизвици.
Мислам дека во однос на уназадувањето на демократијата , моја препорака е да бидеме посериозни во смисла која метрика, кој индикатори па и композитни индекси ги користиме. Тие најдобро ќе опишат дали ние имаме уназадена демократија. Така можат да се извлечат и споредби со регионот, Европа и западот.
Она што за мене, во овој последен период предизвикува посебен интерес, се причините за ова уназадување. Неодамнешни анкетни истражувања околу причините за уназадување на демократијата, конкретно во Обединетото Кралство, укажуваат на едно поместување на она што укажува на очекување на избирачите. Тие го нарекуваат транзиција од натпревар за испорака на услуги, во натпревар за емоционална сатисфакција, што е поврзано со гневот, вели Поповски.
Кога зборуваме за емоции кои ги придвижуваат овие процеси, и кај нас и во регионот, во Европа и во САД, во нивната позадина е – како политичките субјекти го артикулираат гневот или бесот кај избирачите. И ќе признаеме дека крајната десница, но и крајната левица, подобро се снаоѓаат. Тие се вешти на поставување на сценографија во тој театар, или спектакл на емоции, додека другите, оние кои би требало да бидат некаква алтернатива, очигледно не се снаоѓаат.
Поповски посочи и на политичката култура, односно индикаторот во кој не сме качени повеќе од 3,2, од 10. Што е вознемирувачки.
Индикаторот за политичка култура, е еден од десетте индикатори кои го формираат композитниот индекс за степенот на демократија. Тој индикатор нас не влече надолу во тоа рангирање, и осцилираме помеѓу хибриден режим и демократија со недостатоци, укажува Поповски меѓу другото.
Ние сакаме да ја заштитиме демократијата, но треба да бидеме реални, дека можеме да успееме во тоа, доколку мнозинството од граѓаните се демократи. А овој индекс, покажува дека тоа не е случај кај нас, вели Поповски.
Д. Тахири
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Б. Јордановска / ЦИВИЛ