ВЕСТ НА ДЕНОТ
– Корупцијата и криминалот не познаваат граници. Мораме да бидеме единствени во заложбите кои ги преземаме на национално и регионално ниво. Ова е заедничка инвестиција со која ќе изградиме подобар и просперитетен регион, целосно интегриран во Европската Унија, истакна вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на денешната конференција во Охрид на која ќе биде усвоен „Регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансии“.
На конференцијата, покрај Николовски, свои обраќања имаа и министрите за внатрешни работи и за правда Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ, амбасадорите на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј и на Германија Анке Холштајн, претставникот на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал Александре Шмит, министри за внатрешни работи, безбедност и правда од Западен Балкан.
– Секој почеток е тежок. Почетокот што го иницираме сега е доказ дека постои подготвеност и, пред сѐ, политичка волја за сузбивање на корупцијата и нелегалните финансии во регионот на Западен Балкан и тоа преку вистинска регионална сопственост, нагласи министерот за внатрешни работи.
За министерот за правда, Маричиќ, криминалот и корупцијата се меѓу најголемите предизвици со кои се соочуваат современите општества.
– Ако се осврнеме на разноликоста на организираниот криминал и корупцијата во сите нивни форми, како и нивната позиционираност во високите слоеви во општеството станува јасно зошто е широка распространетоста на оваа општествена девијација опфаќајќи ги дури и институциите на прогонот и судовите со што дополнително се усложнува борбата со овој феномен, рече Маричиќ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Во текот на изборната кампања јас како кандидат за градоначалник бев изложен на жестоки напади со говор на омраза од вработени во општинската администрација кои беа лоцирани и им беа одземени лаптопите и мобилните телефони, но, бидејќи има мал број на вработени во таа служба во Министерството за внатрешни работи во централата во Скопје, сè уште не е направено вештачење на запленетите апарати, телефонски уреди и лаптоп, и тој службеник сè уште е вработен во општинската администрација“, вели Аце Коцевски, градоначалникот на Општина Велес, одговарајќи на прашањето на ЦИВИЛ – Дали некогаш Општината била подложна на сајбер напади или хибридни закани?
ГОВОР НА ОМРАЗА
„Браво гордост татина и мамина… грдо племе ви е*** само машина за мелење месо побрзо да скапете“, е еден од коментарите со експлицитен говор на омраза на социјалните мрежи кон ЛГБТИ заедницата во пресрет на парадата на гордоста која ќе се одржи викендов.
ЦИВИЛ повикува надлежните органи веднаш да почнат да ги санкционираат сите оние кои посакуваат различните од нив да ги „мелат“, „полијат со бензин“, „тепаат со стап“… Нашата држава е демократска и има обврска да ја гарантира слободата и безбедноста на секој/а граѓанин/ка. Секој/а има право на слободен избор.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНОВАЦИИ НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“ одлучи да го поддржи проектот за развивање на нова повеќефункционална високотехнолошка војничка униформа со специјални својства за потребите на Армијата на Република Северна Македонија.
ЕВРОИНТЕГРАЦИИ „Европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди“, напиша премиерот Зоран Заев на неговиот Фејсбук профил.
ЕКОЛОГИЈА Вицепремиерот Битиќи и министерот Бесими го претставија концептот за воведување еколошка такса на нафтени деривати, при што посочија дека еколошката такса се воведува како механизам за прибирање средства за преземање мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина, кои ќе бидат во посебен фонд за овозможување зелен развој на државата.
ИЗВЕШТАЈ Народниот правобранител Насер Зибери, денеска при објавување на Извештајот истакна дека во овие бројки не се опфатени затворениците/притворените кои употребуваат дроги, а кои одбиваат да се лекуват. Тој исто нагласи дека „оваа категорија на затвореници се маргинализрани, стигматизирани и оставени без неопходна здравствена и медицинска заштита“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Имено, диктатурата ги ослободува луѓето од неколку тешки граѓански обврски, на пример, да учествуваат во носењето на одлуките. Автократот има своја мрежа на послушни и ефикасни апаратчици кои го одржуваат системот како што ќе им каже владетелот. Луѓето се ослободени и од тешкото бреме на критиката, не мора да ги следат јавните финансии, не се заморуваат со реформи, ревизии, транспарентност, одговорност… Проклетството на знаењето и на свеста се заменува со една бескрајна благотелешка одземеност, со блаженство. Замислете сите да почнат да размислуваат со своја глава. Хаос!
И реформите… Зошто некој би правел реформи? Чувството на непроменливост на состојбите е незаменливо. Наместо реформи, автократијата нуди прецизна и добро разработена машинерија во која послушните се повластени, а сите останати се непријатели. Јасно како ден. Што има подобро од тоа?“, пишува Џабир Дерала во колумната „Диктатурата ослободува!“.
„И овие јавни настани на ЦИВИЛ беа добра подлога и одлична можност да се постават на едно место основите врз кои ќе се надоградува изборниот систем, кои лекции се научени, а за кои допрва ќе се кршат копјата, пред сѐ, меѓу политичките партии. Иако главната поента на сите говорници е дека граѓаните треба да бидат во фокусот на секоја измена што се прави во процесот на изборните реформи, сепак, и понатаму останува само дијалогот меѓу политичките партии и консензусот кој тие треба да го постигнат и врз чија основа ќе се одлучува како ќе се спроведуваат изборните процеси.
Институционално и на ниво на политички партии се нагласува отвореноста за соработка, добро завршената работа во одредени сегменти во измените на Изборниот законик и преговорите за измени во изборниот модел. Од друга страна, видливо е и незадоволството на невладиниот сектор и експертите кои ја истакнаа потребата од нов Изборен законик“, пишува Биљана Јордановска во анализата „Изборни реформи, измени и препораки: Меѓу политичките и граѓанските интереси“.
Дехран Муратов