пишува: БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА
Министерството за правда на почетокот на 2021 започна со работа на измените во Изборниот законик. За таа цел се формираше работна група во која учествуваа претставници на граѓанските организации, меѓу кои и ЦИВИЛ, Државната изборна комисија, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, политичките партии и експерти што согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но и на сите релевантни чинители работеа на конкретни измени по членови и ставови во самиот законик.
Во следната фаза која започна во мај, Министерството за правда како покровител на процесот, ја продолжи работата со претставници на парламентарните партии и Министерството за внатрешни работи со цел конструктивни дијалози во контекст на изборните измени и измените во изборниот модел.
Предлог консолидираниот текст на Изборниот законик е достапен на страницата на ДИК, а за негово усвојување ќе се гласа во Собранието, според очекувањата, некаде кон средината на јули.
Локалните избори предвидени за втората половина на октомври веќе се подложни на дискусии околу начинот на гласање, еден или два круга, отворени листи на советници или не, желбата на опозицијата паралелно повторно да има предвремени парламентарни избори, како ќе се спроведе верификацијата на гласачите преку отпечаток на прст и низа други прашања.
ЦИВИЛ како организација што будно и во континуитет ги следи изборните процеси, имаше активно учество во работната група за измени во Изборниот законик. Дел од препораките на ЦИВИЛ се однесуваа на:
– прочистување на Избирачкиот список,
– реформирање на ДИК,
– овластени лица за поднесување на приговори да бидат и релевантни домашни организации кои спроведуваат мониторинг на изборните процеси,
– една изборна единица
– воведување на отворени листи,
– продолжување на рокот за обуки и едукација, како и избор на членови на ОИК и ИО, во случаи кога се работи за редовни изборни циклуси,
– регулирање на периодот од распишување на изборите до официјалниот старт на изборната кампања кога учесниците во изборните процеси наоѓаат начини да го заобиколат законот и да започнат со предизборни кампањи кои во најголем дел се злоупотребуваат на сметка на противникот,
– едукација на гласачите,
– низа препораки што се однесуваат на политичкото финансирање, а кои може да се најдат и во Извештајот на ЦИВИЛ за политичко финансирање на предвремените парламентари избори 2020.
Какви закони, такви избори
Во низата јавни настани (панел дискусии, конференции, работилници и семинари) кои ги организира ЦИВИЛ во континуитер, еден од неодамнешните е и панел дискусијата посветена на сумирање на резултатите од работата на Работната група за измени во Изборниот законик. На панелот учествуваа претставници на невладините организации, експертите и претставник од Министерството за правда.
На настанот учествуваа државната советничка при Министерството за правда, Радица Лазареска Героска, професорката Рената Дескоска, дел од експертскиот тим во работната група, Благица Димитровска од „Инклузива“, Дарко Алексов од МОСТ и Џабир Дерала како претставник на ЦИВИЛ.
Како медијатор на работната група, Лазареска Героска, го изрази незадоволството од развојот на работните средби, пред сѐ, во контекст на усвојување на законите, што зависи од политичкиот фактор.
За појаснување, желбата да се направи нов Изборен законик и во пресрет на локалните избори ќе остане неостварена, а 36-ти пат се прават измени во постојниот Изборен законик, и покрај усогласување на некои спорни членови преку кои би се олеснила и работата на ДИК при нивно спроведување, нема суштински да придонесат и да помогнат во спроведувањето на изборните процеси.
„Имаме политика која што без оглед на тоа што ние ќе сработиме и сме се договориле, на крајот доаѓа пред политичкиот фактор кога треба да се усвои определено законско решение… Политиката ни е инволвирана во целиот процес уште при подготовка на законското решение… Процесот ни е заглавен. Ние со работа како работна група завршивме, некаде мислам 22 март… Јас како претседател на групата немам видено текст кој можеме да го процесираме во Влада“, изјави Лазареска Героска.
Професорката Рената Дескоска и покрај придонесот што како експерт го даде во формулирањето на конкретни членови во Изборниот законик со цел негово подобро имплементирање и консолидирање со останатите закони што се применуваат з време на изборните процеси, сепак, заклучи дека е време за нов Изборен законик.
„Пред сите избори се работи на измени на Изборниот законик. Мислам дека самиот законик, сам по себе не трпи веќе толку измени, не е читлив, текстот е хаотичен и затоа е подобро да се оди со нов Изборен законик. Клучните пунктови на кои треба да се обрне внимание во носење на нов Изборен законик треба да бидат во делот на она што значи прочистување на Избирачкиот список, односно негово постојано апдејтирање до денот на изборите. Значајни се и правните аспекти по завршување на изборите, а тоа е постапката за обезбедување на ефикасни прави лекови. Граѓаните како учесници во изборниот процес немаат ефикасен правен лек за заштита на гласачкото право“, објасни Дескоска.
Потребата за нов Изборен законик ја истакна и Благица Димитровска од „Инклузива“ во контекст на лицата со попреченост. Дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР се поклопуваат со нивните барања за измени во Изборниот законик, но како што вели, одбегнувањето на нивното инкорпорирање во самиот законик, под изговор дека многу други закони се инволвирани, па и самиот Устав, не смее да биде пречка. Одземањето на правото на глас на граѓанинот по било која основа е недозволиво.
Потребата од целосно нов Изборен законик ја истакна и Џабир Дерала во име на ЦИВИЛ, потенцирајќи дека изборите не се на политичките партии, туку се за граѓан(к)ите.
„Партиите се на врвот на таа пирамида, а тоа би требало да се граѓаните“, нагласи Дерала.
Препораките што произлегоа од овој настан упатуваат на фактот дека сѐ уште се чувствува товарот на политизираноста на системот. Фокусот на задоволување и консензуализирање на ставовите и потребите на политичките партии, како учесници во изборните процеси, го става граѓанинот во втор план, а од искористувањето на правото на глас, зависи опстанокот на политичките партии на политичката сцена.
Нов Изборен законик чија примарна цел би бил граѓанинот како одлучувачки фактор, е клучниот сегмент за кој треба да се зборува и на кој треба да се работи во најскоро можно време.
Изборни реформи во пресрет на локалните избори: постигнувања и предизвици
По завршување на работата на групата за измени во Изборниот законик, Министерство за правда ги започна работните средби со претставници на парламентарните политички партии вклучувајќи ги и политичките претставници на помалку бројните заедници, како и со учество на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Со цел да се разговара конструктивно и да се дојде до консензуални решенија, разговорите имаат цел да се отворат сите прашања со можни измени во изборниот модел, да се споделат ставови и предлози.
Иако за локалните избори измени во изборниот модел тешко дека ќе се постигнат, сепак, Министерство за правда остава простор за градење политички дијалог кој независно од изборите оваа година, ќе придонесе кон приближување на ставовите кои би требало да донесат во некоја перспектива прифатливо решение за сите.
ЦИВИЛ организираше конференција на која се отворија овие прашања. Иако фокусот првенствено беше насочен кон измените во Изборниот законик, колку тие се прифатливи за политичките партии, сепак, гледајќи на нив како скоро завршена работа, учесниците се осврнаа на изборните реформи во контекст на промена на изборниот модел, досегашни постигнувања, очекувања и препораки, но и предизвиците во контекст на локалните избори.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во своето обраќање на конференцијата изрази задоволство од работните средби, сметајќи дека, иако се очекува долг процес во одлучување за измени на изборниот модел, конструктивноста на разговорите, покажува дека се постигнува демократизација на изборните процеси. Во своето излагање, министерот Маричиќ фокусот го насочи токму кон локалните избори и можноста за отворени листи за советници.
„Целиот изминат период работевме во насока на поголема демократизација на целокупниот изборен процес, но искрено не верувам дека на претстојните локални избори ќе се гласа со отворени советнички листи, со оглед на временски период кој останува до одржувањето на локалните избори. Тоа што е можно да го направиме е да ги имплементираме препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Избрзаното носење на било каков закон, може да даде само закон на хартија, а тоа не го сакаме… Партиите ќе мора да продолжат и периодот после изборите, уште поинтензивно и конструктивно да пристапуваат кон ова прашање, бидејќи е од особено значење за државата, но првенствено за самите граѓани“, истакна Маричиќ.
Ставот на Владата е дека членовите на општинските совети треба да се бираат преку отворени листи, но останува предизвик да се разговара за начинот на кој градоначалниците ќе го освојуваат мандатот, само со еден круг на гласање или во два круга.
За изборниот модел, неговата измена и имплементација, како за локалните, така и за парламентарните избори, зборуваа и Арбер Адеми од ДУИ и Халил Снопче од Алијанса за Албанците.
„Ние се залагаме за отворени листи за советници, тоа е тестирање на нашиот изборен модел од кое ќе се види дали може да се имплементира и за парламентарните избори. Ние ја почитуваме волјата на гласачите и ја разгледуваме опцијата за еден круг гласање за градоначалник. Треба да имаме консензус од сите политички партии и заедно да ги усвојуваме законските решенија. Да не се водиме само од партиските интереси“, вели Адеми.
Халил Снопче од Алијанса за Албанците, меѓу другото, се осврна на идејата за воведување на земањето отпечаток од прст при гласањето.
„Кај нас проблемот е повеќе дали ќе има отворени листи, дали ќе се имплементира фингер принтот и како ќе биде поделбата со изборните единици. Тука не се сложни сите политички партии. Сите партии мислат различно. Нашата партија мисли дека треба да се поделат во 8 единици“, изјави Снопче.
Во однос на измените што се однесуваат на изборниот модел, препорака на ЦИВИЛ е една изборна единица, со што ќе се демократизираат изборните процеси. Според ЦИВИЛ, преку една изборна единица и изборни реформи што ќе го стават граѓанинот на прво место, конечно ќе се обезбедат целосно слободни и демократски изборни процеси и ќе се намали просторот за изборни нерегуларности.
Што се однесува до останатите препораки, Дерала, на конференцијата, истакна дека државата има обврска да обезбеди максимални услови за искористување на правото на глас на секоја граѓанка и секој граѓанин.
„Што се однесува до изборните реформи, процесот треба да биде соодветен на капацитетите и потребите на институциите, а уште повеќе на граѓанките и граѓаните. Она што не треба во ниту еден случај да се дозволи, е да не се овозможи правото на глас на секој граѓанин и граѓанка на денот на гласање“, изјави Дерала.
Верификација на гласачите преку отпечаток на прст
Договорот за употреба на фингер принт апарати на локалните избори првично беше постигнат на ниво на работни групи на пратеничките групи во Собранието, откако се постигна политички договор меѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во измените што се изгласаа во Собранието се содржани условите за гласање со терминалите за отчитување на отпечаток од прст, процедурите и постапките како да постапат изборните органи доколку терминалот и резервниот терминал не работат.
Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, на конференцијата на ЦИВИЛ за изборните реформи во пресрет на локалните избори, изјави дека веќе и почната постапката за биометриска идентификација на гласачите со отпечаток од прст.
„На 1 јули е отворање на постапката што се однесува на фингер принтот. Таа е во тек и се надеваме дека ќе успееме да ја спроведеме. Не зависи само до ДИК, туку и од надворешен фактор. Ќе видиме колку понуди ќе имаме, дали ќе ни се достави на време целата апаратура. ДИК ќе направи едно тестирање на 200 апарати од избирачките одбори и општинските комисии. Не е во прашање само ДИК, туку и Министерството за внатрешни работи. Тие до сега ни го доставуваа Избирачкиот список, овој пат треба да ни достават и отпечаток на прст… Предвидени се 4.000 апаратчиња, околку 500 резервни“, изјави Шеху.
Доколку апаратот не успее да го препознае гласачот, алтернативата е проверка преку матичен број на самиот апарат, а во случај да не работи и не може да се замени, тогаш гласачот гласа, остава отпечаток од прст во Избирачкиот список, кој потоа се проверува, кога ДИК за конкретното избирачко место ќе обезбеди исправен апарат.
Заклучоци и препораки
И овие јавни настани на ЦИВИЛ беа добра подлога и одлична можност да се постават на едно место основите врз кои ќе се надоградува изборниот систем, кои лекции се научени, а за кои допрва ќе се кршат копјата, пред сѐ, меѓу политичките партии. Иако главната поента на сите говорници е дека граѓаните треба да бидат во фокусот на секоја измена што се прави во процесот на изборните реформи, сепак, и понатаму останува само дијалогот меѓу политичките партии и консензусот кој тие треба да го постигнат и врз чија основа ќе се одлучува како ќе се спроведуваат изборните процеси.
Институционално и на ниво на политички партии се нагласува отвореноста за соработка, добро завршената работа во одредени сегменти во измените на Изборниот законик и преговорите за измени во изборниот модел. Од друга страна, видливо е и незадоволството на невладиниот сектор и експертите кои ја истакнаа потребата од нов Изборен законик.
ЦИВИЛ како организација со долгогодишно искуство во изборен мониторинг, следејќи го процесот на изборните реформи, препорача дека во процесот на донесување на одлуките на политичките чинители најважно од сѐ е на прво место секогаш да бидат граѓаните и остварувањето на нивното право на глас. Слободни, демократски и фер избори, во најголема мера зависат токму од гласачкото право, како и негова заштита. Во таа насока, улогата на надлежните институции во спроведувањето на изборните процеси, треба да биде определбата за професионалност, одговорност и транспарентност. Притоа, неопходно е институциите да обезбедат услови за навремено информирање и едуцирање на гласачкото тело.
Како и секој изборен процес, така и локалните избори ќе бидат тест колку работата на измените во Изборниот законик, политичките дијалози и ангажманот на институциите ќе придонесат кон спроведување на избори ослободени од изборни нерегуларности и загрозување на правото на глас во било која форма.