ВЕСТ НА ДЕНОТ
Во насока на продлабочување на билатералната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, денеска, во рамките на заедничката седница на двете влади во Софија, се одржаа и одделни состаноци на работните групи утврдени за време на официјалната посета на премиерот Петков на Скопје.
Работната група која ја опфаќа соработката во економијата, енергетиката, финансиите, иновациите и развојот, инвестициите и земјоделството ја договори идната динамика на работата, како и заедничката основа за размена на добри практики и искуства за интензивирање на директна соработка во овие области.
Втората работна група којашто ги вклучува областите транспорт и врски, инфраструктурата, локалната самоуправа и меѓуграничната соработка, како и соработката во областа на информатиката и комуникациите, се поставени определбите за работите на Коридорот 8, како и поврзувањето со другите патни правци долж границата на двете земји.
За европските интеграции, зелените политики и доброто владеење во третата работна група се поставени основите за поддршка и соработка на европските интеграции на Република Северна Македонија, како и за заеднички иницијативи во проектите опфатени со стратегијата „Зелен договор“ на ЕУ.
Четвртата работна група која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, и младите и спортот си постави за задача да бидат преземени чекори од двете страни за изготвување на сеопфатна програма за соработка во овие области.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ковачевски – Петков: Поставивме основи за идна соработка и брз напредок на меѓусебните односи
Премиерите на Северна Македонија и Република Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков денеска по тет-а-тет средбата истакнаа дека динамиката со која се реализира заедничката седница како и почетокот на активностите на работните групи ја потврдува заложбата на двајцата премиери да бидат поставени основите за идниот брз напредок на меѓусебните односи. Ковачевски и Петков се согласија дека атмосферата на изразена политичка волја и духот на искреност и отвореност кој преовладува на досегашните средби, водат кон заеднички прифатливи решенија за прашањата од интерес на двете земји.
ФЛЕШ ВЕСТИ
БИЛАТЕРАЛНА СОРАБОТКА Во Софија денеска се потпишаа билатерални меморандуми за соработка и разбирање помеѓу неколку министерства од Република Северна Македонија и Република Бугарија.
ПРАВДА Првообвинетиот во случајот „Софтвери”, Драги Рашковски, тврди дека доказите против него се прибрани на незаконит начин. Рашковски го предложил и поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев како сведок.
АНТИКОРУПЦИЈА Република Северна Македонија на листата според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл за 2021 година се наоѓа на 87 место од 180 рангирани држави, со 39 од можни 100 поени, што е раст од четири поени и скок од 24 места во однос на минатата година. Сепак земјата останува под глобалниот просек од 43 поени, заедно со две третини од сите рангирани држави.
МЕДИУМИ Бројот на дописници од внатрешноста на државата е сведен на минимум. Македонската радио телевизија едвај има вработено неколку новинари од внатрешноста, додека приватните телевизии, земаат информации од хонорарно ангажирани новинари, пишува „Вистиномер“.
ЗАЕДНИЧКИ ЗА УКРАИНА САД и европските сојузници се „целосно едногласни“ околу Украина и подготвени се да нанесат жестока економска штета на Русија ако таа изврши напад, истакнаа синоќа од Белата куќа.
ФИНАНСИСКА ПОМОШ Велика Британија, Канада, Шведска, Швајцарија и САД планираат на крајот од месецов да основаат фонд за помош на Украина со финансирање од 35 милиони фунти (над 47 милиони долари) за период од три години, соопшти денеска прес-службата на Министерството за реинтеграција на неконтролирани територии на Украина.
ДИСТРИКТ
Дејан Андоновиќ, новинар, уредник, аналитичар во Дистрикт: Многумина имаат наследено оружје, но не го предаваат оти треба да извадат дозвола во МВР
СЛОБОДНА ЗОНА
„Доколку ситуацијата во Украина ескалира, немојте да се чудите ако онлајн насилството од интернет просторот се прелее и во реалниот, физички простор во македонското општество. 1999 година не е толку далеку, ги паметиме добро сцените на напади врз НАТО војската, палењето на американската амбасада, протестите…Молкот и немањето одговор на сајбер-насилството во виртуелниот интернет простор кај нас денес, е отворена покана за такво прелевање на насилството во реалниот свет утре“, Петрит Сарачини во Миднајт експрес: „Војната во Украина и специјалната војна во македонското општество“.
„Ги читам податоците од спроведените пописи во државите од регионов. БИХ има околу два милиони и седумстотини илјади жители, работно способни се околу милион и сто илјади. Хрватска се движи во слични пропорции, а податоците од нашиот попис ќе ги коментираме во текот на оваа година, иако не се очекува подобра слика ниту кај нас. Да ја искористам нивната изрека — дотерали смо цара до дувара.“, Војо Маневски во колумната „Ќе има ли подобро?“.
„Ох, власта е сѐ, само не е безгрешна, а работата на опозицијата е да ја „лови“ власта во сите нејзини пропусти. Но, за тоа да биде веродостојно и од интерес на пошироката јавност, а не само поради желбата што поскоро да се сруши власта од власт, упатно е објавените „афери“, „скандали“ и „криминали“ барем понекогаш да бидат проследени и со уверливи докази, а не со рекла-казала импровизации што ќе ги полнат пропагандните портали и профилите по социјалните мрежи“, Сашо Орданоски во колумната „Во реформите е клучот, а не во „масирање“ на јавната перцепција“.
„Најкарактеристичниот феномен на нашето време е тоа што обичниот ум, препознавајќи се себеси како обичен, има самодоверба да ги бара правата на обичните луѓе и да ги наметнува кога и каде сака. Така најбрзо што може да се каже и да се пишува во социјалните мрежи преку објави на истите, со што за свое право си зема да „кажува“, односно пишува слободно за сè. Поради тоа што светот во кој живееме е сè повеќе поврзан, со луѓе кои живеат низ различни региони кои комуницираат во реално време без да излезат надвор од нивниот дом, тоа е едно од чудата на модерната технологија“, Сафит Зеќири во колумната „Мисли два три пати пред да кажеш!“.
Д. Тахири