Повод: Очи силно затворени (објавен: 26 октомври 2022, автор: Џабир Дерала)
Имаме огромен проблем со амбиентот кај повеќето медиуми. За жал, повеќето не покажаа општествена одговорност како чинители кои го креираат јавното мнение по однос на значењето на процесите кои изминативе неколку години се одвиваат кај нас.
Дали се работи за купување на медиумската наклонетост од страна на тие што ги кочат процесите на евроинтегрирање и европеизирање на Балканот (најверојатно), не можам да тврдам, ама и не знам со која друга констатација би ја објаснил таквата поставеност на голем дел од медиумите. Оваа состојба, доколку не се смени, во голема мера ќе влијае (негативно) врз јавното мнение.
Би имал многу повеќе да кажам што се однесува до ова прашање. Значи, да се нема свесност и одговорност од страна на медиумите дека овие процеси се историски, процеси кои ги определуваат општествените состојби во наредниот период. Процеси кои ќе нè определат како држава. Дали ќе бидеме во редот на демократските земји, кои ќе градат систем на вредности кои носат стабилност и напредок или остануваме во редот на земји без демократски вредности, земји на конфликт и уназадување…
Горан Волканоски