По повод 17 Мај, Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија, ЛГБТИ Центарот за поддршка – при Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, со партнерските организации: Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ и „ЛГБТ Јунајтед“ Тетово, одржа настан каде што беа испратени охрабрувачки пораки од Микаела Швајцер Блум, заменичка шеф на мисијата на САД во Македонија, Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Кочо Андоновски, директор на проектот.
За време на настанот, преку концептот на „Прав(д)а за сите“, учесниците кои беа ангажирани во кампањата, рефлектираа за состојбите со нарушувањето на правата на ЛГБТИ луѓето, но исто така, се рефлектираа и можностите за борба и еманципација во македонското општество.
Овој проект го поддржува остварувањето на човековите права во Македонија и националната стратегија за еднаквост и недискриминација. Проектот почна да се остварува во септември, 2016 година и ќе трае до март, 2018 година. И денешниот настан е дел од Проектот на УСАИД за подобрување на статусот на ЛГБТИ лицата.
Минатата година, Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија, беше одбележан во рамки на Шарената револуција, каде демонстрантите со најразлични пораки и пароли ги поддржаа правата на ЛГБТ заедницата во Македонија.