ВЕСТ НА ДЕНОТ
Пендаровски и Мицкоски се „одмрзнаа“
Мицкоски ги „одмрзна“ односите со македонскиот претседател. Претседателот го прими на разговор. Дадоа одвоени изјави, Пендаровски пред портите на резиденцијата, Мицкоски во дворчето.
Најдовме разбирање, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски по денешната средба со претседателот на државата Стево Пендаровски и потенцира дека не бараат амнестија или милост, туку правда за осудените за „27 Април“.
Тезата на претседателот Пендаровски е дека ако продолжиме со ваква крајно спротивставена политичка реторика, ние не само што нема до дојдеме до национално или граѓанско помирување, туку, како што истакна, нема да можеме да воспоставиме ниту базична политичка комуникација меѓу нас, како што сега е ситуацијата.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Холштајн: За Германија е незамисливо за Албанија да каже да, а Северна Македонија да ја остави
За решавачки насоки во процесот на проширување на ЕУ потребна е согласност од сите земји-членки. Исто како што преговарачката рамка може да биде само едногласно прифатена, датум за првата меѓувладина конференција ќе има само кога сите земји-членки ќе дадат согласност – изјави германската амбасадорка Анке Холштајн за „Слободен печат“.
За Германија не е замисливо само за Албанија да даде зелено светло, а Северна Македонија да ја остави. Северна Македонија веќе одамна ги исполни сите услови за започнување на пристапните преговори, нејзиниот почеток е заслужен и одамна задоцнет. Ова е исто така во интерес на веродостојноста на процесот на проширување и на веродостојноста на ЕУ во регионот – нагласи амбасадорката Холштајн.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОВИД-19 Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, вчера се вакцинирале 12.606 граѓани.
ТЕМПО Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел оцени дека глобалното темпо на вакцинација против Ковид-19 е „премногу бавно за ефикасно справување со глобалната пандемија“ предупредувајќи дека „со сегашното темпо, целиот свет нема да се вакцинира пред 2023 година“.
ВАКЦИНАЦИЈА Министерот за здравство Венко Филипче денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје се вакцинираше против Ковид-19 со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.
ИНТЕГРАЦИИ Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари работна средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ од неформалната група Ц5 на Централно европските држави во која влегуваат: на Австрија, Словенија, Чешка, Словачка и Унгарија.
УСЛОВ Иако процесите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ досега течеа заедно, Брисел би можел да ги раздвои и да ги почне пристапните преговори со Тирана, доколку продолжи бугарската блокадата на Скопје и не се најде заеднички прифатливо решение со Софија.
ПОДДРШКА Северна Македонија заедно со Албанија доби поддршка за отворање на преговорите за членство од министрите за надворешни работи на членките на Групата седум индустриски најразвиени држави (Г-7).
ВЧУДОВИДЕНОСТ Советот на Амбасадори со посебна загриженост и вчудовиденост ја примиле најавата на Оливер Вархеји дека е можно Северна Македонија и Албанија да бидат поделени во нивниот пат до полно членство во Европската Унија
РАЗДВОЈУВАЊЕ Во Европската Унија не се подготвува раздвојување на Северна Македонија и Албанија, кои очекуваат прва меѓувладина конференција и почеток на преговори, доколку Скопје и Софија не најдат заедничко решение,
ПРАВДА Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за петмина од обвинетите за случајот „Двојник“, за нелегално издавање пасоши на странски државјани, по што судот изрече казна затвор од една година и седум месеци на уште еден од вработените во МВР за издавање на пасоши во случајот „Двојник“, кој призна вина на денешното рочиште.
ПРИЗНАНИЕ Уште една обвинета призна вина за „Двојник“, седум од вкупно 11 обвинети.
ОБРАЗОВАНИЕ Иако пристапот до образованието е подобрен, квалитетот на образованието и натаму е предизвик како што е потврдено од резултатите на учениците во Македонија на меѓународните тестирања, дека недостатоците почнуваат рано во основното образование, а опстојуваат понатаму.
МИЛИОНИ Со 46,5 милиони евра обезбедени од Светска банка ќе бидат реализирани два проекта значајни за економскиот развој на земјата, проекти за енергетска ефикасност во јавниот сектор и за унапредување на основното образование кои се дел од четиригодишната рамка за партнерство со Светска банка, вреден 420 милиони долари.
ПОЛИЦИЈА Денот на полицијата претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста, моралот – карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа.
НАТО Во рамките на работната посета на Италија, министерката Радмила Шекеринска го посети Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, каде пред слушателите на напредниот курс, говореше на тема „Искуствата од првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО“.
ПОСЛЕДИЦИ Повеќе од 128.000 неформално вработени лица во државата во изминатиот период се соочуваат со ефектите од пандемијата со Ковид-19, но нивниот број би можел да биде поголем имајќи предвид дека многумина ја изгубија својата работа во изминатата година.
Извонредно динамична петочна агенда на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ денеска имаше извонредно динамична агенда. Остриот, но конструктивен став за Толковниот речник, соопштението со осуда на навредите и смртните закани од Левица против Џабир Дерала и ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ денеска сними повеќе активисти и јавни личности чии видео пораки се дел од Иницијативата „Направи промена: Почитувај ги различностите“. Неколку граѓанки и граѓани застанаа и се поздравија со тимот на ЦИВИЛ, а еден граѓанин посака и самиот да даде изјава за поддршка на Иницијативата.
Покрај сите активности, тимот за медиумска продукција денеска го сними и прилогот „ЦИВИЛ во живо“. Во прилогот во живо на Фејсбук, беа претставени активностите на медиумскиот тим и Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“. Исто така, беше најавен и ставот на Организацијата за Толковниот речник, а стана збор и за нападите со говор на омраза и смртни закани од Левица врз ЦИВИЛ.
Левица продолжува со груби напади, говор на омразата и смртни закани кон Џабир Дерала и ЦИВИЛ
„Левица“ и нејзините членови продолжуваат со напади врз Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ, но врз организацијата и нејзините членови во целост, како и кон сите прогресивни граѓанки и граѓани на нашата земја – се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
Став на ЦИВИЛ за случајот „Толковен речник на македонскиот јазик“
ЦИВИЛ бележи дека многумина се најдоа навредени од најавата дека навредливите зборови „циганче“, „циганштија“, „поциганчи“, „циганштилак“ ќе бидат отстранети од дигиталното издание на „Толковен речник на македонскиот јазик“ – гласи почетокот на јавно објавениот став на ЦИВИЛ.
Д. Тахири