ВЕСТ НА ДЕНОТ: Мијалков осуден на 12 години затвор за „Таргет-Тврдина“
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков доби казна затвор од 12 години за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од (УБК).
Мијалков е осуден за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ во времетраење од 5 години, „злоупотреба на службената положба и овластување“ во времетраење од 5 години и „примање награда за противзаконито влијание“ во времетраење од 3 години. Судот изрече единствена казна затвор од 12 години. Обвинителката Ристоска побара ефективен притвор за Мијалков, а судскиот совет донесе решение да го уважи барањето на обвинителката Ленче Ристоска и ја укина мерката куќен притвор на Сашо Мијалков и му определи мерка притвор во КПУ Затвор „Скопје“ до правосилноста на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, односно до започнување на издржување на казната затвор од 12 години.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Заев: Секој од нас денес може да има повеќе мир за себе, во себе
Правосудниот систем e независна власт и денес гледаме дека ги има сите околности да спроведува истрага без влијанија и да организира обвинителска и судска постапка во која важат само доказите и одредбите за фер и правично судење, за секој без исклучок.
ЗАВРШИЈА ПРОТЕСТИТЕ ЗА СЛУЧАЈОТ „МОНСТРУМ“, СУДИР МЕЃУ ПОЛИЦИЈАТА И ДЕЛ ОД НАСИЛНИТЕ ДЕМОНСТРАНТИ, ИЗБЕГНАТИ ПОГОЛЕМИ ИНЦИДЕНТИ
Денеска се одржаа најавените протести за случајот „Монструм“, со почеток во 13 часот. Иако најавени како мирни протести, сепак, имаше краткотраен судир меѓу демонстрантите и полицијата. Според неофицијални извори, седум полицајци биле повредени, а приведени се неколку лица. Оштетени се и повеќе излози на продавниците на потегот меѓу Бит Пазар и ТЦ Мавровка. Избегнати се поголеми инциденти, според извештајот на ЦИВИЛ.
Крајот на протестите го означи една невообичаена комуникација меѓу полицијата и двајца претставници на демонстрантите, што личеше на „преговори“ меѓу „судрените“ страни.
Претставниците на демонстрантите се приближија до првата линија на полицискиот кордон и на албански јазик се обратија со повик до полицијата да си замине, по што и тие ќе си заминат. Демонстрантот додаде дека присуството на полицијата провоцира, дека е платена од данокот и на Албанците…
Еден од полицајците кои беа во првите полициски редови, на албански јазик му одговори дека тие се полиција и дека секако ќе си заминат, откако ќе се разотиде толпата насилници.
Тогаш, демонстрантот му се обрати на полицаецот со зборовите: „Ама тие се граѓани“, на што полицаецот, на албански јазик, смирено му одговори: „Видовме што се.“
Двајцата демонстранти тогаш се повлекоа, а набрзо потоа и толпата се разотиде. Протестот заврши пред 16 часот.
ЦИВИЛ ПОВИКА ПРОТЕСТИТЕ ЗА „МОНСТРУМ“ ДА СЕ ОДРЖАТ БЕЗ НАСИЛНИ ИНЦИДЕНТИ И ДА СЕ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19
Во пресрет на најавените протести по пресудата за обвинетите во случајот „Монструм“, ЦИВИЛ упати повик до учесниците да протестираат мирно и достоинствено, да се придржуваат кон протоколите за заштита од Ковид-19, да не подлегнуваат на евентуални провокации и да одбегнуваат секаков вид насилно однесување.
Ништо од тоа не се случи. Дел од демонстрантите ја нападнаа полицијата, а голем дел од нив не се придржуваа кон здравствените мерки за заштита.
ЦИВИЛ ги повика и органите на јавниот ред, во текот на протестите да ја извршат благородната задача на чувари на јавниот ред и мир, да не дозволат евентуални провокации да ескалираат во насилства, од ниту една страна, и да бидат на висина на својата задача најдобро што можат. Според тоа што можеше да се види, полицијата дејствуваше прибрано и рамките на професионалните стандарди во такви случаи.
ЦИВИЛ ги повика и политичарите, медиумите и групите што генерираат онлајн содржини на социјалните мрежи да не шират лажни вести и говор на омраза, а својата потреба за политички профит да ја задоволат во некоја друга прилика. Сепак, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ, нотира екстремен говор на омразата на „двете страни“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Со положување цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски денеска ќе биде одбележана 17-годишнината од неговата смрт во авионската несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.
Образование– Македонските и бугарските историчари од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија денеска во рамки на 12 состанок, втор ден разговараа за отворените прашања.
Политика– Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошникот на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања Мара Карлин денеска попладне истовремено во Скопје и во Вашингтон ќе го потпишат новиот Меморандум за соработка во одбраната меѓу двете држави.
Правда- Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков доби казна затвор од 12 години за предметот „Таргет-Тврдина“, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на четири години затвор, поранешниот началници на Петтата управа во МВР, Никола Бошковски и Горан Грујевски се осудени на казна затвор од 15 години, поранешен шеф на кабинетот на ексдиректорот на УБК, Тони Јакимовски е осуден на казна затвор од 6 години.
*
Протестот против судските пресуди во случајот „Монструм“ тргна од паркот во Чаир, каде поворката беше блокирана со полициски кордон кај ТЦ Мавровка, кој според МВР била блокирана од безбедносни причини. Тензијата кај ТЦ Мавровка резултираше со судир на полицијата со дел од демонстраторите.
Култура- На иницијатива на претседателот Стево Пендаровски, се одржа координативен состанок по повод усвојувањето на Националната програма за реализација на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, чиј покровител е претседателот Пендаровски, а носители на проектот се Министерството за култура и Министерството за образование и наука.
Попис- Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одржа вонреден работен состанок со сите шефови на дипломатско-конзуларните претставништва, со цел подготовка за спроведување на активностите во нивните надлежности поврзани со претстојниот попис.
Ковид-19- Помина точно една година од првиот потврден случај на заболен од Ковид-19 во земјава, а пандемијата сè уште не стивнува.
Општество- Феминистичката герила акција „Што прави МВР“, упатува јасна порака дека не треба да ни се случи „Јавна соба“ за да институциите почнат да реагираат…
СЛОБОДНА ЗОНА:
„Настрана што доколку ова сценарио за чирибу-чириба исчезнувањето и појавувањето на Мијалков се потврди како точно, тогаш раскопувањето на „дворот“ на Куќата на Водно може да исфрли на површина скелети од разни други сомнителни операции на поранешниот режим за кои СЈО немаше време и сили (и памет), а сегашните негови обвинителски наследници сигурно немаат голем интерес, да бидат ископани и форензички до крај истражени“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Куќата на Водно можеби крие многу тајни “.
И. Крџиќ













