ВЕСТ НА ДЕНОТ: Владата уверена дека пописот нема да се одложи
Повеќе од 82.000 наши сограѓани од дијаспората ја искористија можноста да се самопопишат со што придонесуваат во креирањето поквалитетни политики за подобра иднина на татковината, објави на својот фејсбук-профил премиерот Зоран Заев.
– Ги повикувам сите од нашата дијаспора, од сите краеви на светот, да се приклучат кон овој патриотски чин и да помогнат да добиеме јасна слика за нашите луѓе во странство. Mакедонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите други без разлика на етникумот, сите кои имате македонско државјанство, попишете се!, напиша Заев на Фејсбук.
Од 1 па до 21 април, пак, треба теренски да се спроведе пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава. Според Владата сите активности се одвиваат во насока дека пописот ќе се спроведе а гаранција дека нема да има потреба од одлагање е строгиот протокол и соодветната обука на попишувачите.
Сите одлуки, посочи владиниот портпарол Арсовски, Владата ги донесува врз основа на став на Комисијата за заразни болести, кој се разгледува на главниот Координативен кризен штаб, од каде што заклучоците одат на седница на Влада.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
ДЗС: Задоволни сме со одѕивот, до сабота ќе го имаме потребниот број на попишувачи
„Третиот дополнителен повик за попишувачи е во тек. Задоволни сме до одѕивот во текот на вчерашниот ден и сигурни сме дека до сабота вечер ќе го имаме потребниот број на попишувачи. Уште на првиот повик ние го имавме потребниот број на попишувачи и реонски инструктори но овие дополнителни повици се заради рамноправна распределба на попишувачите по реони и нормално со почитување на правичната застапеност на сите етнички заедници и поради тоа што одреден број на пријавени кандидати на првиот и вториот конкурс не се појавија на тестирањето, па сега ја користам можноста да ги повикам, имаат можност сите кои не се појавиле на тестирањето сега ќе имаат можност сега да учествуваат на тестирањето. Сметаме и сигурни сме дека ќе го имаме потребниот број и со полн капацитет да ги почнеме пописните активности на први април“, изјавија од ДЗС.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЗЕЛЕНИ Нацрт-законот за репрогласување на кањонот Матка за споменик на природата е во изработка и би требало да биде готов во текот на следните два до три месеци. Од Министерството за животна средина информираат дека постапката за заштита тече, откако овој уникатен локалитет чекаше 16 години и во тој период се соочи со низа узурпации, незаконски градби, уништување и загадување.
ПОПИС До евентуално одложување на пописот може да дојде само доколку за тоа даде препорака Комисијата за заразни болести, таквата одлука не е во делокруг на Државниот завод за статистика, кој во моментов се раководи според постоечкиот оперативен план.
Првата фаза од Пописот успешно заврши и беа опфатени вработените од Дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците.
Државниот завод за статистика од следната недела почнува преку мој термин да ги добиваат на дневна основа сите ново дијагностицирани случаи по општини, за да може да се планира начинот на нивното попишување, односно периодот во кој тие ќе бидат во изолација, кога излегуваат од изолација, каде живеат и како да се организира нивното попишување.
Преку онлајн апликацијата за самопопишување досега од странство се евидентирани 82 106 лица.
КОВИД-19 Се води сметка сите лекови и вакцини да се соодветно испитани и да ги имаат соодветните сертификати за квалитет и да се потврдени од регулаторните тела.
Јавноста поделена околу вакцинирањето против Ковид-19, најпреферирана вакцината на „Фајзер“
ЛАЖНИ ВЕСТИ Партиското „гласило“ на Левица, шири лажни вести и дезинформации. Само во изминативе три дена, забележани се две лажни вести поставени на порталот. Лажните вести и дезинформации се пласираат со цел да се наруши угледот на ЦИВИЛ, како и да се предзивика говор на омраза по повеќе основи.
ОДБРАНА Силите за специјални операции на Северна Македонија, САД и домаќинот Грција, од вторникот започнаа заедничка обука за падобранство и скокови од воздухоплови во областа Атика и во Лариса, во рамките на планот и координацијата на Интердисциплинарната команда за специјални операции на Генералштабот на грчката армија.
ЕКОНОМИЈА Претпријатијата и во наредниот период можат да очекуваат помош од државата, а 100-те милиони евра што треба да стигнат се токму за поволни кредити во приватниот сектор што беа спомнати во четвртиот пакет на економски мерки за справување со ковид кризата.
Предлог на закон за дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, во второ читање е едно од 10-те законски решенија кои ќе се најдат на дневниот ред на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Во интерес на граѓаните и стопанството е пратениците што побрзо да ги донесат законите за антикризните мерки кои подолго време се блокирани од опозицијата.
Владата започна постапка за повлекување на втората транша од 80 милиони евра од ЕУ за поддршка за ковид-мерките.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Којзнае колкав бил македонскиот цех на германскиот пратеник Цех… Тие пари од некој „џеб“ овдека се одлевале, а и не само за Цех (памтите: тие години американските даночни служби објавуваа податоци за големи суми плаќани од ВМРО за партиско лобирање околу Белата куќа, само што погрешно се обложија на Хилари, а не на Доналд), а-пропо тековните процеси на СЈО за милионските перења партиски пари и исчезнати донации од партиската каса на денешната опозиција“ – пишува Сашо Орданоски во колумната „Цехот зад пратеникот Цех“
И. К.