ВЕСТ НА ДЕНОТ
Рашковски и Станчев во Кривичен на распит за јавна набавка на софтверот
Драги Рашковски и Даниела Станчев, осомничени во случајот за јавна набавка на софтерот за сообраќајни прекршоци се спроведени во Суд пред судија на претходна постапка, потврдија за МИА од Основниот кривичен Суд – Скопје.
Оттаму велат дека по завршувањето на распитот во однос на предлогот на јавниот обвинител за определување мерка притвор за двајцата осомничени јавноста ќе биде известена. За другите двајца осомничени во случајот се бараат мерки за претпазливост.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈОГКК.
Според нив во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Спасовски: Оној што издавал лажни пасоши нема да биде ослободен од одговорност
„Можеби се роднини, но тоа воопшто не е важно, кој и што е. Значи, ниту некого ќе го ослободи од одговорност дали е роднина, дали е припадник на политичка партија, дали е близок до одредени функционери итн. Тоа воопшто не е важно. Тоа е ирелевантно за целава оваа постапка, исто како што не може да го ослободи никој од одговорност тој којшто издавал такви пасоши, а имаме информации дека дал информации некаде на друго место. Одговорност мора да има, нагласи министерот за внатрешни работи,“ изјави министерот Спасовски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
НОН-ПЕЈПЕРОТ на Јанез Јанша предизвика лавина од реакции во јавноста во земјата и пошироко. Дали се работи за вистински план за прекројување на границите во регионот или мерење на западнобалканскиот националистички пулс, прочитајте во прилогот на ЦИВИЛ МЕДИА, како и во колумната на Сашо Орданоски.
КОВИД-19 Министерот за здравство утрово истакна дека иако во изминатите денови има благ тренд на намалување на бројот на приеми, сепак ситуацијата и понатаму е сериозна и притисокот врз ковид – центрите е голем., по што истакна дека состојбата во болниците е стабилна и вакцинацијата добро се одвива
ЕКОНОМИЈА Сивата економија ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците и претставува неправична и незаконска „предност” на оние кои не ги исполнуваат законските обврски, истакна министерот Бесими, кој заедно со Николовски разговараа со претставници на бизнис секторот за мерките од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија и на планот за сузбивање на корупцијата „Акција 21“.
СОБРАНИЕ Во Собранието на Република Северна Македонија денеска претпладне на иницијатива на претседателот Талат Џафери заседаваше парламентарното претседателство кое треба да разговара како ќе продолжи со работа законодавниот дом, по синоќешната седница која беше прекината, а петтиот сет антикризни мерки не беше донесен.
ФУНКЦИОНАЛНОСТ Трајанов достави иницијатива до Џафери за подобрување на условите за работа и функционалноста на Собранието
СРЕДБА Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, на која се разговараше за последните акции на МВР и тековната техничка помош на САД за поддршка на Министерството.
ДОГОВОР Премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските албански политички партии Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши на средбата во Собрание постигнаа договор, но детали ќе се соопштат откако ќе се стави на хартија предлогот со точни правни формулации.
ЗЕЛЕНИ По повлекувањето на измените на Законот за минерални суровини од собраниска постапка на почетокот на годината, Министерството за економија и Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ работеа на новите измени на законскиот текст, како и на вклучување на дополнителни забелешки.
ГОВОР НА ОМРАЗА „Војна тешко, но ова тло плаче за крвава револуција. Народот против власта, криминалот, транзициски тајкуни, европски п…и и невладини морони. Додека не се натопи земјата со нивна крв ние не мрдаме од слепа точка. Овака за правда само ќе сонувате“, гласи заканувачката порака на Твитер од извесен „Капетански дневник“.
27 АПРИЛ На 27ми април 2017 година за време на протестот во Скопје кој што подоцна резултираше со упад од демонстрантите во зградата на Парламентот, вкупно 21 новинари беа под закана или им беше забрането да известуваат на местото на настанот. Еден од нив беше Горан Трпеноски кој вчера беше одбиен од Граѓанскиот суд во Скопје кој не му го призна статусот на новинар. Европската федерација на новинари (ЕФН) и нејзината членка, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го оспоруваат толкувањето на македонскиот суд и го повикуваат уште еднаш да ја разгледа својата одлука.
ВКЛУЧУВАЊЕ Европската Комисија сака да биде вклучен Западниот Балкан во Конференцијата за иднината на Европа, но конечната одлука ја носат земјите членки на ЕУ, а оттаму сѐ уште нема јасна позиција
ПРАВДА За многу кратко време, за неколку дена, ќе излезевме со акција на апсење, не со информација, доколку опозицијата не го обелоденеше случајот со пасошите во јавноста, истакна вечера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју на ТВ21, одговарајќи на прашање околу случајот „Двојник“.
ЗЛОУПОТРЕБА Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за случајот вчера донесе наредба за спроведува истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, а денеска Рашковски, како осомничен беше спроведени во Основниот кривичен Суд – Скопје пред судија на претходна постапка, каде треба да се одлучува по предлогот за определување на мерка притвор.
ОДГОВОРНОСТ Дисциплинска комисија ќе ја утврдува одговорноста врз основа на конечниот извештај на Комисија за утврдување на правилноста во примената на мапите на работен процес формирана на 5 април, за работењето на РЦУК Кратово, РЦУК Куманово и Дежурниот оперативен центар, ДОЦ на ЦУК, а во врска со настанот за спасување на настраданиот од мозочен удар и премрзнување од високо планинското село Емирица.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Новата „антиевропска“ десничарска европска оска во Брисел (најгласно предводена од Орбан) правилно проценува дека за да го продолжи својот „национален“, домашен политички опстанок на власт, мора да ја прошири и засили својата конфронтативна, често антидемократска, национал-шовинистичка агенда и на меѓународно ниво. Времето за тоа е перфектно, бидејќи доаѓа во период на високо ниво на хаос и општо незадоволство во Европската Унија во услови на пост-Брегзит, на политичкиот, економскиот и социјалниот шок од пандемијата и на редефинирање на ставовите на Унијата во однос на важни енергетски прашања и релациите кон европската периферија и руско-кинеските влијанија. Се разбира, претседателските избори во Франција, чија драма следува идната година, и заминувањето на Меркел од власт во Германија, се силен потстрек за калкулации за тоа кој и што ќе надвладее на европскиот континент во наредните една-две децении. Предвидувањата се фриволни, а некои и на работ од гео-политичкиот жилет,“ пишува Сашо Орданоски во колумната „„Грмушката“ на Јанезовиот „зајак““
„Седејќи во собраниската сала, одеднаш ми дојде како да сум во кафана и посакав да ја запеам песната од Кисми: ‘Милионерче не си играј давај, давај, давај брцни си во џебот, имаш пари, давај, давај не се срами ставај, ти си парајлија, не се стискај, давај ти… Ајде ќе ти свирам ајде, ајде ќе ти пејам ајде, раз два три – имаш пари ти, четири, пет, шест – ти си голем шеф, имаш, имаш пари ајде не се жали, фрли едно бонче имаш милионче’. Имав и музичка поддршка од моите колеги кои осетија дека сакам да ја запеам песната „Милионерче“ и тие со голи раце почнаа да тропаат на масите за да ми држат ритам, меѓутоа колешката од СДСМ одби да ми го даде микрофонот“, вели Мицевски, во козеријата „Мицевски: Трчав по микрофонот за да ја запеам „Милионерче““
И. Крџиќ