ВЕСТ НА ДЕНОТ: Се изгласа потребата за одложување на пописот и измените во Изборниот законик
Со 95 гласа за и 7 против, Собранието ја изгласа потребата за измена на Законот за попис по што претседателот на Собранието ги овласти претседателите на комисиите да закажат седници.
Координаторот на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи најави дека против одложувањето на пописот ќе предложат амандмани. Но дискусијата на комисијата за европски прашања е ограничена на три дена.
Пратениците со 102 пратеници и ниту еден против или воздржан, ја изгласаа и потребата за измените во Изборниот законик. И овој закон се праќа ви понатамошна процедура во работните тела.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Најодговорно тврдам дека ниту еден министер, вклучително и министерот за здравство Венко Филипче, кој е здравствен работник, нема примено вакцина против ковид-19. Сите сме пријавени на апликацијата за вакцина и го чекаме нашиот ред, согласно планот за масовна вакцинација на населението… Не смееме да дозволиме заради какви било лажни вести, кои се присутни насекаде, да нарушиме одредени човекови или здравствени права на граѓаните. Ако системот тоа го дозволува, ќе кажам на институциите и тоа ќе го направиме, а, ако не дозволува, тогаш секој функционер може поединечно да се изјасни и каже дали примиле вакцина против ковид“, изјави премиерот Зоран Заев, по пристигнувањето на нови вакцини од Србија.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ ќе одржи уште два бесплатни вебинари за граѓанско новинарство и медиумска писменост на 2 и 3 април (петок и сабота) со почеток во 13 часот. Вебинарите ќе траат до 16:30 часот. За учество на вебинарот, потребно е да се пополни онлајн АПЛИКАЦИЈА ЗА УЧЕСТВО.
Можност за учество имаат сите заинтересирани што сакаат да стекнат нови информации и вештини од областа на новинарството, медиумската писменост и начините на кои можат да се вклучат во работата на ЦИВИЛ.
За учесниците на вебинарите ќе има електронски Сертификати за учество. Тие добиваат и можност да се вклучат во проектите, иницијативите и активностите на ЦИВИЛ, како и во други организации и иницијативи на граѓанското општество.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОРАКА Американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Брнз, денеска разговарала со лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, со цел да ја истакне потребата да бидат конструктивна и ангажирана опозиција, објави Амбасадата на САД на својот Фејсбук профил.
ВАКЦИНИ Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, денеска ја прифатија пратката на првите 20.000 вакцини „Спутник В“ од компонентата 1 од вкупно 40-те илјади, кои како донација од Република Србија ги договорија владите на двете земји. Втората пратка од 20.000 „Спутник В“ вакцини од компoнентата 2, ќе бидат испорачани во наредниот период.
ПОВИК Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) информира дека повикот за вакцинација на новинарите и медиумските работници е дополнет, и може да се пријават и лица кои се над 40 години.
ПОПИС Преку апликацијата за самопопишување досега се евидентирани вкупно 177.875 лица од дијаспората, објави денеска на веб страницата Државниот завод за статистика.
СТИПЕНДИИ Министерството за образование и наука (МОН) од наредната учебна година ќе ги зголеми стипендиите за учениците од средните стручни училишта. Обезбеден е фонд за 2.200 стипендии за ученици од прва година, во вкупна вредност од околу 60 милиони денари, што како што соопшти Министерството, е 10 кратно зголемен буџет во однос на минатата учебна година.
ДРЖАВЈАНСТВО Премиерот Зоран Заев очекува на почетокот на следната недела да се најде решение за измените и дополнувањата на Законот за државјанство, предложени од Алијанса на Албанците и Алтернатива.
СЛОБОДНА ЗОНА: Јордановска за различностите во изборите, Иванов за Палмер и неговото друштво, Хајредини за совпаѓањето…
„Кога зборуваме за различностите во контекст на изборите најмногу се зборува за инклузијата и тоа начесто поврзано со лицата со попреченост, но и со младите, учеството на жената во изборните процеси, како и статусот на маргинализираните групи и нивните гласачки права…
Инклузијата во контекст на изборите во принцип подразбира процес со кој лицата со попреченост се вклучуваат во сите изборни активности на еднаква основа со другите граѓани, вклучувајќи и на раководни позиции, наместо само да се обезбедува приспособување кое може да ги сегрегира лицата со попреченост од другите граѓани. Но, инклузијата е важна и од аспект на младите, како граѓани кои допрва треба да остварат гласачкото право, од една страна, а од друга страна како директни и активни учесници во креирање на политиките и добрите практики на владеење.
Токму поради родовата нееднаквост во политика и учеството на жените, пред сѐ низ призма на носители на одлуки, инклузивноста подразбира нивна подеднаква вклученост во изборните процеси и пристап до истите позиции што во пракса обично се загарантирани за мажите. Во контекст на маргинализираните групи, кога станува збор за нивната етничка припадност, се вршат злоупотреби во поширок опсег, наместо да се работи на здружување и заедничко делување. Ако се работи за граѓани што се критичен социјален статус, се искористуваат или манипулираат преку разни ветувања за вработувања или други начини што би го подобриле нивниот животен стандард
Инклузијата од оваа перспектива, која има за цел да ги зближи различните групи граѓани, како гласачко тело, во изборен контекст е навистина важна во насока на еднаква застапеност, пристапност, правичност и заштита на човековите права и слободи, поконкретно заштита на гласачко право и тајноста на гласање во контекст на изборните процеси.
Затоа, кога зборуваме за различностите во изборите, навистина е важно секој изборен циклус да биден насочен кон градење позитивни политики и практики во законодавните, но и етичките пракси не само на учесниците во изборниот процес, туку и на надлежните институции за нивно спроведување“, пишува Биљана Јордановска во колумната „Различностите во изборите“.
„Македонија е постојано на некаков почеток. Во истиот филм без епилог. Еве и сега, по којзнае кој пат, заглави во зарибаните партиски релации. Пак во состојбата ниту ваму – ниту таму. И срам, не срам, пак мораше да интервенира американската администрација. И овој пат, повторно нејзиниот највисокиот дипломат задолжен за регионов, Метју Палмер. И пак, како педагог во дом за деликвенти. Ги искара адолесцентите, им даде по пет минути да се средат, да ја подистресат партиската прав од себе и да ги поттурнат и парламентот и законите и пописот и…
До кога сево ќе потрае, до првиот нареден меѓупартиски инает ли, до првата интервенција на меѓународната, ќе се види бргу. Искуството зборува дека за нови партиски препирки не ќе треба да мине многу време. Наспроти актуелните опструкции на соседите, државата Македонија уште не го препознава патот за Европа. Уште талка по теснопартиските беспаќа. Уште никако да се ослободи од транзициската агонијата што нè замајува еве веќе цели три децении.
Сепак, нели сепак, одвреме-навреме ќе кресне по некоја искра и по некоја демократска појава ќе влее трошка надеж. Во таа насока, еве, се случи и конгрес на СДСМ. За првпат, првиот човек на партијата е избран од членството на непосредни избори. Водството на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се извлече од вонредниот конгрес на кој во најава беше проектирана негова смена. Иницијативата издиша само поради фактот што меѓу тамошните партиски алтернативци има евидентна концентрација на компромитирани кадри од времето на груевистичкиот режим. Во ДУИ, пак, и натаму подзаспана од сè уште преслабата опозиција, засега само спорадично се слуша за по некој внатрешен конфликт во врвот на партијата. Ќе пушти по некој сигнал дека и таму е можно поместување од веќе бајатите партиски манири.
Сè на сè, бавно, несигурно и пак – ништо без Палмер и неговите“, пишува Зоран Иванов во колумната „Кој, ако не повторно Палмер и неговото друштво“.
.„Не знам дали само мене не ми е јасно како посетата на Министерот за одбрана на НР Кина се совпадна со годишнината на членството на Македонија во НАТО“, пишува Џевдет Хајредини во поентата насловена „Совпаѓање“.
Д. Муратов