ВЕСТ НА ДЕНОТ: Започнува постапката за набавка на терминалите за отпечатоци од прсти за локалните избори
Во средината на мај Државната изборна комисија (ДИК) ќе ја започне постапката за јавна набавка на интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите што треба да се примени на локалните избори предвидени за втората половина на октомври. За таа цел Владата одобрила 720 милиони денари за што преку Министерството за финансии ја известила Комисијата која на денешната седница ги усвои измените на планот за јавни набавки и за почетокот на набавка на терминалите.
Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху на седницата информираше дека во мај ќе почне постапката за јавна набавка на интегрираниот систем за биометриска идентификација на гласачите и оти проценета вредност на договорот е 720 милиони денари. Според Шеху, останатите постапки ќе почнат во јуни и јули, а таа верува дека до средината на август ќе бидат спроведени сите постапки и склучени договори за локалните избори.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Филипче: Ќе овозможиме вакцинирање против Ковид на над 10.000 граѓани дневно без гужви
„Во однос на чекањето и гужвите мислам дека има сосема доволен предвиден простор да не прават и да се чека на одредено растојание. Оваа слика и доколку е некаков ризик, засега не гледаме дека е ризик, може да се смени со пуштањето на пунктовите за масовна вакцинација, спортските сали кои ќе профункционираат од вторник. Веќе во понеделник насекаде ќе бидат дистрибуирани согласно бројот на пријавени граѓани кинеските вакцини и во Тетово, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола и Охрид ќе започне вакцинирањето. Мислам дека ќе биде систем којшто ќе овозможи и над 10.000 граѓани дневно да се вакцинираат и воопшто да нема никакви гужви“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по настан за донација од Словачка за Клиниката за детски болести.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ денеска продолжи со видео продукција на пораки од познати личности, како дел од Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“. Тимот на ЦИВИЛ денеска беше на сет со Агим Хошка, во пријатна и продуктивна атмосфера во Скопје.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОДДРШКА Стратешка цел на Словачка е Северна Македонија и Албанија што побрзо да станат членки на ЕУ и затоа Братислава е против раздвојување на преговарачкиот процес за двете земји и смета дека тие треба да ги почнат преговорите заедно, изјави денеска словачкиот заменик министер за надворешни работи Мартин Клус.
КОАЛИЦИИ За евентуално коалицирање за локалните избори во втората половина на октомври, СДСМ ќе соопшти во септември, по одржувањето на пописот, но претседателот на партијата Зоран Заев од сега повика на соработка.
ПРЕПОРАКА Замислата на Министерството за образование класичните учебници да се заменат со дигитални е во ред, но само ако за тоа се исполнети сите предуслови и доколку се земени предвид можностите на родителите/старателите да им обезбедат технолошки уреди на сопствените деца за да можат да ја следат наставата. Ова е препораката на Народниот правобранител по реакциите во јавноста за предложената реформа, од следната учебна година да се воведат електронски наместо печатени учебници. За препораката на 23 април е информирано и Министерството за образование и наука со посебен допис.
ДОНАЦИЈА Четири респиратори кои ќе се користат за лекување пациенти со КОВИД-19 хоспитализирани на Клиниката за детски болести беа донирани денеска од владата на Словачка.
ОЧЕКУВАЊА Министерката за одбрана Радмила Шекеринска не очекува дека без партнер од другата страна и со техничка влада, како што изјави, е можен пресврт во однос на односите со Бугарија за нашето членство во ЕУ. Но, она што треба да го правиме до јуни, нагласи таа, е да ги потсетуваме сите оти ние нашите обврски ги исполнивме и очекуваме ист тип посветеност и доследност и од страна на ЕУ.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров вели дека треба да се продолжи со разговор за наоѓање решение за спорот со Бугарија и почеток на преговори на земјава во ЕУ, во спротивно, нагласува, и двете земји и ЕУ ќе бидат губитници.
ЕКОЛОГИЈА Планот за управување со Националниот парк „Шар Планина“ ќе биде алатка за новото јавно претпријатие кое ќе управува со националниот парк, со цел да се гарантира заштита на биолошката разновидност, заштита на природата, на сите видови и овозможување на сите позитивни придобивки од националниот парк, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на денешниот воведен настан за изработка на нацрт-планот за управување со Националниот план „Шар Планина“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Следејќи делчиња од вчерашната дебата во Македонското собрание посветена на пратенички прашања, налетав на одговорот на Оливер Спасовски за оперативна акција што ја водело МВР/УБК, во содејство со Јавното обвинителство, пред и во 2017 година, под некакво кодно име „Алка“. Целта била да се направи местенка – како МВР-дебаклот со режираниот трагичен конфликт во Куманово; како измислиците од оние прочуени „Жолти комбиња“; како фабрикуваните судски процеси против цела дузина луѓе кои уште не можат да се опорават (а и да ги рестартираат судењата) од долгите затворски казни што им ги досуди „Сваровски“ судството; итн. – за (според Спасовски) апсење на врвот на опозицијата (СДСМ) со наводен предтекст дека Заев, Спасовски и други лица подготвувале атентат врз Никола Груевски. Монструозно“, пишува Сашо Орданоски во колумната „За македонските терористи и други занимливости“.
„Инаку, денешниве „лудисти“ можеби имаат дома куп книги по рафтовите што им одат добро со мебелот, ама сепак секојдневно, наместо на книгите, им веруваат на лаги пласирани од лудачки портали и безимени ботови на социјални мрежи.
Затоа, треба да излеземе од оваа јалова дебата полна нерационалност и кусогледост.
Наместо фокус на медиумот и формата, оти човештвото и пред книгите имало папирус, глинени плочи, ѕидови на пештери, па не останало на тие медиуми туку напредувало, на сите ни е потребен фокус на суштината и содржината.
А суштински важно е да дојдеме до одговор на овие прашања: Како да имаме што повеќе содржини што им нудат на луѓето вистинско проверено знаење, без онакви грешки на кои навикнавме во нашите учебници, или пак вистински уметнички вредности, поттик за читање, за креативност?“, пишува Петрит Сарачини во колумната Лудисти во 21 век?
„Идеолошкото влијание на Русија во регионот е прилично силно и тоа се остварува преку медиумите, црквата, хуманитарната помош, поддршката на националистичките, недемократските и анти-НАТО и анти-ЕУ политичките партии во регионот. Понатаму, се спроведува и кампања за демонизација на невладиниот сектор кој работи на реформите и доближување на регионот на Западен Балкан до ЕУ, пред сѐ во Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и на Косово“, пишува Александар Николиќ Писарев во анализата Руската „хибридна“ сенка врз Западен Балкан (2).
Д. Муратов