Во текот на вчерашниот ден и денеска, во неколку македонски, српски и косовски медиуми се пласира содржина во која се вели дека при посетата на косовската министерка за надворешни работи, Доника Гервала кај поранешниот македонски премиер, Зоран Заев, таа му се заканила дека доколку не се откаже од иницијативата „Отворен Балкан“, тој ќе има работа со неа. По нејзините закани, Заев наводно побарал од неа да го напушти кабинетот.
„Поранешниот македонски премиер Зоран Заев побарал од министерката за надворешни работи на Koсово, Доника Гервала да го напушти неговиот кабинет откако таа на средбата рекла дека доколку Македонија не излезе од Отворениот Балкан, ќе си има работа со неа.
Според информациите, Заев, соочен со оваа необична ситуација, побарал од Гервала да го напушти кабинетот.
„Извинете госпоѓо, но ова викање е неподносливо во мојата канцеларија, од учтивост не можам да ве изнесам, инаку не можете да зборувате на овој начин и вака“, изјавил Заев.
После тоа Гервала ја напуштила канцеларијата.“, пишува на содржината објавена на неколку медиуми во регионот и во земјава.
По овој т.н. „дипломатски скандал“ кој наводно се случил пред повеќе од една година досега не се пожали и не реагирала косовската министерка Гервала.
Содржината е првично и оригинално земена од Albanian Post, албански портал, и потоа е преведена на српски и македонски јазик.
Кога ќе кликнете на конкретната содржина на Albanian Post, на крајот се појавува линк од друга содржина за министерката за надворешни работи на Република Косово, Доника Гервала, во која опширно се опишува нејзината наводна „неспособност“ и ароганција како министерка. Истиот портал се занимава со Гервала на речиси редовна основа во однос на нејзиното однесување.
Меѓутоа, дел од македонските, српските и косовските портали го одвоиле само делот во кој таа наводно му се заканила на Заев дека „ќе има работа со неа доколку не го напушти „Отворен Балкан“.
Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа направи ретроспективна истрага по медиумите, и македонските и регионалните, но до вчера, немало таква вест за наводната случка.
Средба помеѓу Гервала и Заев имало на 30 јули, 2021 година, според соопштение од Владата на Република Северна Македонија. Во соопштението од Влада меѓу другото, се наведува дека на средбата заеднички констатирано дека односите помеѓу двете држави се добри, дека Косово е меѓу значајните трговски партнери на нашата држава, а е разговарано и за перспективите коишто се гледаат во европските интеграции.
Споделени се информации дека граѓаните и на Северна Македонија и на Косово, во голем дел, ги поддржуваат европските перспективи и дека државите се подготвени да продолжат да се развиваат во тој правец, преку унапредување на меѓусебната соработка, постојани унапредувања во владеењето на правото, на борбата против криминалот и корупцијата и продолжувањето на реформите во сите области важни за граѓаните во секојдневното живеење.
На состанокот е изразена поддршка од Косово за очекуваниот исчекор на Северна Македонија и на Албанија кон ЕУ, бидејќи, како што е констатирано, тоа е од полза за целиот регион, поради европските и демократски вредности што ги мотивира овој процес на Балканот, како и за самата Европа, којашто е целосна заедно со Западен Балкан којшто и географски е дел од неа“, се вели во соопштението од Влада.
Повеќе од очигледно е дека порталите кои медиумски гласила на одредени политички центри, а кои ја споделија дезинформацијата за случката помеѓу Гервала и Заев, се во заедничка, несмасна и лошо организирана спрега за ставање некаква дамка врз иницијативата „Отворен Балкан“, преку министерката Гервала и поранешниот премиер Заев, без притоа да се информираат подетално за вистинските пориви и интереси на порталот Albanian Post, кој очигледно е гласило на одредени политички центри во соседството. Со оваа дезинформација се потврдува дека одредени политички центри продолжуваат со ширење лажни вести, за добивање политички поени (?!) и глас повеќе на некои следни избори, овој пат за наводен инцидент кој се случил пред повеќе од една година, во периодот кога претседател на владата на Северна Македонија беше Зоран Заев.
Д. Т.