Шефовите на три влади во Европската унија – Чешка, Полска и Словенија, Петр Фиала, Матеуш Моравјецки и Јанез Јанша, во придружба на полскиот вицепремиер, Јарослав Качински, отпатуваа со воз за Киев да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и премирот Шмихал.
Посетата, во момент кога Европа е ангажирана во вонредни напори да го изолира рускиот претседател Владимир Путин, има за цел „да ја потврди недвосмислената поддршка на целата Европска унија за суверенитетот и независноста на Украина“, напиша чешкиот премиер во oбјава на Фејсбук.
Посетата доаѓа додека беснеат жестоки борби низ Украина, вклучително и во опколената престолнина, каде што во вторникот во осомничениот руски ракетен напад врз станбена зграда загинаа најмалку четири лица.
Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, објави полициски час, поради, како што наведе „тешкиот и опасен момент“ без да прецизира детали.
Околу 350.000 луѓе сè уште се заробени во Мариупол, кој е под опсада на руските сили од 1 март, соопштија локалните власти.
Изминатите денови пропаднаа повеќе обиди за воспоставување безбедни коридори и евакуација на цивили од Мариупол. Голем конвој со хуманитарна помош што требаше да пристигне во недела сè уште не стигнал во градот.
На видеата се забележани експлозии кои погодија најмалку три локации во срцето на Харков, вториот по големина град во Украина, во понеделникот вечерта.
Д.М.