ЕРОЛ РИЗАОВ
По катастрофалниот пораз на Виктор Орбан и партијата Фидес на парламентарните избори во Унгарија премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, стана многу „чувствителен“. Од самоуверен лидер, полн со себе, само за едно деноноќие, веројатно како последица од силен стрес, јавно ја соопшти својата лутина како закана кон опозицијата, нарекувајќи ја погрешно како чувство да ја предвидува иднината.
Ни пет, ни шест, премиерот рече „имам чувство дека набргу високи функционери на претходната влада на СДСМ, поранеши премиери, нивни блиски од семејствата, ќе бидат опфатени со одредени прогони. Немам информации, но имам чувство. Очекувам дека кога тоа ќе се случи, исто така, ќе има прес-конференции. Тогаш нема да велат (тие од опозицијата) дека тоа е политички прогон, туку истите ќе повикуваат да одговараат пред органите, односно да ја докажат својата невиност“.
Што се вели – за 24 часа се сменија сите „сомнителни“ јавни обвинители кои ги застапуваа обвиненијата што можат да наштетат на злоупотребите и криминалите на власта. Се назначија нови обвинители и за кочанскиот крематориум каде не се спречи трагедијата, во која го загубија животот 63 деца и млади луѓе, и за предметите од „Талир 1“ и „Талир 2“ каде се води постапка против поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзиното незаконско финасирање, зашто се бара конфискација на Белата палата среде Скопје на најбогатата партија на најсиромашниот народ во Европа.
Како се станува пророк
Кога се дружат премиер и јавен обвинител брзо се развиваат таквите чувства да се предвидуваат судски ослободителни пресуди и заташкани предмети на грешките на власта, но и за прогони на политичките противници што ќе се случуваат „многу бргу“ во судницата Македонија.
Јас му верувам на Мицкоски дека обвинителите нема да ја докажуваат вината, туку тужените треба да ја докажат невиноста. Тоа е многу различно кој што треба да докажува, велат и правото и компетентните правници. Партискиот суд и правосуден систем во заробената држава е извонреден за создавање на чувства на предвидливост во делење на (не)правдата. Проблемот за кој премиерот Мицкоски уште не развил чувства, а кои се јавуваат подоцна, е дека ваквите пророштва на крајот секогаш лошо завршуваат за лажните пророци.
Но, да ги оставиме пророштвата на премиерот настрана и онака „многу бргу“ ќе бидеме сведоци на неговите претскажувања. Она што посебно ми го привлече вниманието се првите настапи на новиот унгарски премиер Петер Маѓар. Не за тоа што толку многу се пишува и кажува кај нас, како можност за промени на политичката сцена со евентуалната екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, во што не верувам. Ниту за последиците од падот на премиерот Виктор Орбан, големиот вмровски пријател, за што гледам веќе откажување од неговото големо пријателство со срамежливите честитки до премиерот Петер Маѓар со надежи на натамошна соработка и поддршка. Не очекувам многу ни за разоткривање на зделката од соминтелната милијардата евра „поволен“ кредит, ниту пак од подобрување на одамна уништената медиумска независност и слобода со престанок на финасирање на медимските инсталации на Орбан во Македонија. Она што во медиумите го финансираше Орбан многу изгледно ќе го финансира ВМРО-ДПМНЕ преку своите богати ресурси и, се разбира, од државната каса по разни канали.
Што е тоа европски идентитет
Она што може да се научи од десничарот Петер Маѓар од неговите први јавни настапи и особено од неговата предизборна кампања е следното: пред се неговата длабока европска посветеност н најсилните унгарски сојузи ЕУ и НАТО, што практично му ја обезбеди големата победа. Маѓар вели, а Унгарците му веруваат: „Горди сме што припаѓаме на најсилните сојузи. Секој Унгарец е горд на својот европски идентитет“.
Што зборува, бре, овој човек од новата сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, каков е тој европски идентитет. Ние овде водиме војна за еден сосема друг идентитет. Нашата гордост и достоинство е за спасување на средновековни и антички идентитети, каква Европа, која само што не се распаднала.
Идниот премиер Маѓар вели: „Луѓето ја видоа подмолноста на владата на Орбан што ја обвинува и клевети Европската унија дека сака војна. Секој знае дека ЕУ всушност е мировен проект“.
Е, па господине Маѓар, тоа го дознаа Унгарците со вашата активност и програма. Ама ние никако да дознаеме. Кај нас тие што зборуваат за европски идентитет и за повеќекратни идентитети се прогласени за велепредавници на македонскиот народ и држава. Уште многу успешно не лажат дека биле за Европа ама бараат гаранции за заштита на идентитетот. Божем тоа е нешто што се дава и зема со нечии гаранции. Не лажат како млади мајмуни со срцепарателни приказни за одземениот идентиет и јазик.
Петер Маѓар, новиот унгарски премиер, вели: „ЕУ има свои недостатоци. Тоа е огромна организација од 27 држави – членки, со мноштво национални, партиски и лоби интереси. Како дипломат работев во Брисел осум- девет години, имав среќа да разберам како функционира ЕУ, да ги научам сите тешкотии, но и убавини на барањето и постигнувањето компромиси. Компромис може да се најде. Лично јас како Маѓар подготвен сум да придонесам за компромиси. Ќе водиме дискусии, тоа не е проблем. Секоја земја членка е таму за да ги претставува своите интереси. Ние не одиме таму за да се бориме, а потоа да му кажеме на унгарскиот народ дека Брисел е зло. Резултатот од изборите покажа дека Унгарија одлучи да го промени режимот и да избере проевропски пат“.
Тешкотиите и убавините на компромисите
Зборувате дека многу научивте за тешкотиите и убавините на барањето компромиси и дека резулатот од изборите покажал дека Унгарците го избрале проевропскиот пат. Се прашувам сто пати додека го читам и пишувам ова како успеавте да ги убедите Унгарците дека тоа што го проповедаше Орбан е лага и со тоа редовно победуваше на избори и дека компромисите не се национално предавство и дека 23 годинин подоцна од референдумот на вашето членство во ЕУ унгарскиот народ повторно го потврдил местото на Унгарија во ЕУ.
Кај нас и компромисот е предавство на националните и државни интереси, а референдумот е бојкотиран со силна пропаганда без да се гласа против. Залудни беа 650 илјади гласа „ЗА“. Бојкотот победи. Ги почнавме преговорите со ЕУ со прифаќање на компромиси со соседите, но веднаш и ги замрзнавме чекајќи гаранции. Нашиот премиер Мицкоски, големиот пријател на Орбан, вели ќе чекаме со децении гаранции од ЕУ додека соседите не ги прифатат нашите услови. Така, покрај веќе жртвуваните генерации граѓани на Македонија подготвени сме уште неколку децении да ги жртвуваме сите, па и тие што се родија во независна Македонија чија иднина во сите партиски програми е членството во ЕУ. Ама само во програмите. Решението ни е за да добиме европски идентиет наместо сегашните 210.000 бугарски државјанства во наредните децении што ги кажува за чекање нашиот премиер Мицкоски да имаме барем едно 500.000 прифаќања на бугарско потекло и уште толку на албански државјанства по влезот на Албанија во ЕУ. Тогаш ќе бидеме Европејци без Македонија и Македонци.
Господине Маѓар, велите дека една од првите мерки ќе биде „да се запрат вестите на јавната телевизија и радио, а новата администрација да обезбеди независност на државните медиуми по урнек на Би- Би-Си“. Сметате дека тоа може да биде решение за развој на демократијата и победа на европскиот курс. И за ова немаме никакви шанси. И државните и приватните медиуми се уништени благовремено за сѐ да биде како што е. Она што уште се препелка во новинарството се последните Мохиканци на изумирање. Ги врзуваме коњите кај што ќе ни каже газдата. Јавниот сервис ги дели просториите со полицијата. Водечките весници не постојат. Трите најдобри се уништени и затворени во еден ден. На телевизиите дебатираат главно истомисленици и партиски адвокати.
Честитки за вашата прва завршена работа. Ги одмрзнавте 17 милијарди евра европски пари за Унгарија. Причините за тоа беа правните спорови на Брисел со Будимпешта поврзани со владеење на правото, независноста на судството, академските и медиумските слободи и азилантската политика. Ние тие проблеми ефикасно ги решивме и со владеење на правото и со независноста на судството и на медиумите, а азилантите се добредојдени, ама не сакаат да останат тука. Се остана зависно како што сака ВМРО-ДПМНЕ. Ние изгубивме повеќе десетици милијарди евра и уште многу повеќе од тоа со изгубеното време, а еве се најавуваат уште неколку децении додека не исчезнеме.
Извор: Независен.










































