ВЕСТ НА ДЕНОТ
Зелената енергија во фокусот на земјава со Интервентниот план за инвестиции на Владата
Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата ја става енергетиката, односно одржливата енергија во преден план. Со предвидените фотонапонски и ветерни електрани и затворањето на јаглените централи, Северна Македонија ќе продолжи да биде лидер во искористеноста на обновливите извори на енергија и една од првите земји во Европа што ги затвора јаглените електрани.
„Само за минатата година го зголемивме производство на енергија од обновливи извори на 827 MW, што претставува раст од 10,1% и во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3%. Во овој период максимално ќе инвестираме во обновливи извори на енергија, а согласно планот ИПИ 2021-2027, вложуваме напори да успееме дури и пред земји-членки на ЕУ да ги затвориме јаглените електрани“, кажа премиерот Зоран Заев.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Нови докази за улогата на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Организаторите на 27 април”
„Јас, лично, сметам дека со овие докази кои сега се изведуваат неспорно се докажа улогата во организирање на протестите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и на обвинетите лица кои се во судницата, а тоа се Миле Јанакиески и Спиро Ристовски“, изјави Обвинителката Вилма Русковска по повод најновите докази презентирани на рочиштето за случајот „Организаторите на 27 април”, извлечени од предметите на СЈО. Обвинителката смета дека најновите докази ја побиваат одбраната која тврди дека обвинетите не биле дел од организацијата на протестите.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Апелација го потврди решението на Кривичен, Мијалков останува во притвор.
КРИЗНА СОСТОЈБА Комисијата за одбрана и безбедност ја проследи одлуката за продолжување на кризната состојба во наредните 6 месеци
СВЕТ Поранешни светски лидери бараат земјите-членки на Г-7 да издвојат околу 50 милијарди долари за вакцини за сиромашните земји
ИЗБОРНА ИЗМАМА Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека новоформираната израелска коалиција која е подготвена да го оддалечи од функцијата е резултат на „најголемата изборна измама“ во историјата на демократијата.
СЛУЖБЕНИК ЗА МЛАДИ За остварување на правото на слободно организирање, како и полесен пристап до информациите кои се од интерес на младите, во Законот за младинско учество и младински политики е предвидено воспоставување службеник за млади во сите органи на државната управа и општините.
МАТУРА Ниту еден пријавените 15.294 матуранти не отсуствувал од полагањето на државна матура поради изолација како последица на корона вирус.
КОВИД МЕРКИ Министерот за здравство Венко Филипче по предлог на Комисијата за заразни болести денеска на Главниот координативен кризен штаб му предложил полицискиот час и мерките да останат да важат до 15 јуни на територија на цела држава.
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро ја осудува скандалозната изјава на градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, со која се заканува и најавува депортација на луѓето кои питачат на подрачјето на општината.
ЕКОНОМИЈА Се реализираат сите мерки од шестиот пакет, угостителите може да аплицираат согласно критериумите.
Институтот за економски истражувања Фајнанс тинк во најновиот макроекономски извештај оценува дека негативната стапка на БДП во првиот квартал од годинава е последица од третиот бран на пандемијата кој беше проследен со рестриктивни мерки.
ИНТЕРВЕНТНИОТ ПЛАН ЗА ИНВЕСТИЦИИ Зелената енергија, односно енергијата од обновливи извори ќе биде во инвестицискиот фокус во следниве шест години со Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата на Република Северна Македонија.
СЛОБОДНА ЗОНА
„ Од крајот на минатата недела повторно во јавноста почна да се употребува поимот „кампања“. Се разбира кај нас тоа не е поврзано со некои други активности во економијата или културата, туку со политичка борба за власт. Политичките партии и затоа постојат, за да дојдат на власт. Што прават со таа власт кога ќе ја освојат е друго прашање. Ова што го пишувам и не е некоја мудрост или новост. Нашиот политички систем е постојано под некоја покачена температура и пред и во кампања. Затоа најавите дека партиите започнаа со предизборната кампања за локалните избори во октомври и не е нешто на што не сме навикнати“, пишува Војо Маневски во колумната „Кампања“.
„И еве сега при презентација на Интервентниот план за инвестиции (ИПИ) 2021-2027 во вредност од 8 милијарди разбравме од премиерот Зоран Заев дека владата планира да вложи 50 плус 50 милиони евра за ски-центарот Попова Шапка (иако не појасни што точно тоа значи). Ски центарот владата одлучила да го даде под концесија. Иако името на идниот концесионер не го објави освен дека се работи за еден од најголемите инвеститори во ски-центри во Европа и дека оваа инвестиција ќе го подобри имиџот во државата и дека самиот инвестотор тоа ќе го објави , сепак ни го соопшти најголемиот апсурд за времетраење на концесијата која ќе биде ни помалку ни повеќе точно 99 години! Навистина не ми јасна логиката а не верувам дека таков пример има во Европа, ски-центар да се дава под концесија на 99 години“ пишува Перо Наумовски во колумната „Попова Шапка, Брезовица и терени за голф“
„Во тој контекст, исто така без многу помпа, а сепак со нужно внимание, се заврти информацијата за иницијативата на четири земји од „Вишеградската група“, Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, како и Австрија, кои до раководството на Европската унија испратиле нов нон-пејпер за европската судбина на Западен Балкан. Документот не се занимава со прашањето на границите, но бара од Европската унија поголема поддршка за целиот посочен регион. Министрите за надворешни работи на овие држави очекуваат и земјите на регионот да бидат најдиректно вклучени во официјалните европски разговори за иднината на Унијата“ пишува Зоран Иванов во колумната „Меѓу животот и политиката“
Ирена Крџиќ