ВЕСТ НА ДЕНОТ: Денеска се одбележа Светскиот ден на децата
Секоја година, Денот на децата се слави во различни земји во светот и на различни датуми. И иако не сите земји го зачуваат истиот датум, постои универзален ден на децата на 20 ноември секоја година, почнувајќи од 1954 година, од страна на Генералното собрание на Обединетите нации. Ова не е само ден за славење на децата онакви какви што се, туку за запознавање на децата со правата кои што ги имаат како и децата ширум светот кои подлегнаа на насилството во форми на злоупотреба, експлоатација и дискриминација.
Потеклото на овој празник датира од 1925 година кога претставници од различни земји се состанаа во Женева, Швајцарија за да ја свикаат првата „Светска конференција за благосостојба на децата“.
Одбележување на Денот на децата е давање на право на децата да уживаат и да прераснат во здрави и образовани граѓани на земјата. Децата се нашата иднина. Секој од нас мора да придонесе за заштита на децата и обезбедување среќно и безгрижно детство. Децата денес ќе бидат возрасните граѓани утре. Секој од нас ја носи одговорноста да негува силно, здраво и интелектуално детство.
ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи, од почетоците на своето формирање до денес силно и активно се залага за промовирање и застапување на правата на секое дете.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Босанац: Хрватските гласачи не наседнаа на црната кампања
ЦИВИЛ МЕДИА направи интервју со Гордан Босанац од хрватската политичка платформа „Можеме“ која на локалните избори постигна ѕвезден успех, со освојување апсолутно мнозинство во Загреб и победи во Сплит и Пазин (Истра). Босанац, меѓу другото, изјави:
„Кампањата, особено во вториот круг беше неверојатно валкана. Јас се надевав дека откако се случи Брегзит, се случи Трамп, па дека нешто сме научиле од тоа како да се регулираат кампањите, особено на интернет медиумите. На крајот се виде дека ништо од тоа не е регулирано и дека тоа е еден простор кој соперничкиот тим, за жал, може да го користи да оцрнува и да шири целосно лажни информации за сите нас, за кандидатите.
Но за среќа, гласачите не наседнаа на тоа. И одговорот на твоето прашање до мене, Џабир, е дека тие, како што ние велиме, ја препознаа нашата ДНК, а тоа е дека луѓето собрани околу „Можеме“ се оние што последниве дваесет години се борат на улиците за заштита на јавното добро, се борат за овој град, се борат за човековите права. Во меѓувреме се појавија неколку популистички приказни со краткотраен сјај, кои брзо исчезнаа од политичката сцена. Ние испраќаме една поинаква политичка порака, дека ова не е набрзина составена екипа, туку дека таа наша долгогодишна заедничка соработка сега е препознаена. Луѓето имаат доверба дека ние знаеме да соработуваме и дека ќе знаеме да владееме со овој град. Со нашата позитивна кампања не дозволивме да нè вовлечат во таа валкана игра. Напросто, не сакавме да се согласиме со тоа, туку испраќавме само позитивни пораки, комунициравме со граѓаните во сите квартови на градот Загреб за тоа што ќе менуваме, како ќе менуваме. Луѓето беа со нас и, ете, сега сме тука каде што сме, со мнозинство во град Загреб.“
ЦИВИЛ во живо е видео прилог на Фејсбук кој се емитува во работните денови во раните попладневни часови. Едитираната верзија се објавува на Јутуб и во дневниот пресек на настани на Цивил во 17 часот. Во денешното издание, слушнете за изборниот успех на хрватската политичка платформа „Можеме“ со најава за интервјуто со Богдан Босанац, борец за човекови права и слободи од Република Хрватска, „Можеме ли заедно?“, јавен настан на ЦИВИЛ што ќе се одржи утре, и анализата на Александар Николиќ Писарев „Сенки од минатото“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Поштенска марка По повод историскиот настап на македонските фудбалери на Европско првенство во фудбал 2020 денеска АД Пошта на Северна Македонија промовираше поштенска марка.
На промоцијата, која се одржа во просториите на Дирекцијата на АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, генералниот директор Јани Макрадули порача дека со оваа поштенска марка сакаат да се заблагодарат на репрезентациите за успехот и радоста што ја приредија на сите нас.
Човекови права Хелсиншки комитет за човекови права со Годишен извештај за криминалот од омраза во 2020, регистрирани 104 вакви инциденти
Град Скопје потпиша договор со реномираните компании РОМ Транспортејшн и ГСТЦ ЛТД за изработка на студија за оптимизација на линиите на автобускиот јавен превоз во главниот град, целта е воведување на нов систем кој ќе овозможи целосна реконструкција на мрежата на автобуските линии.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ ќе одржи јавен настан на тема „Можеме ли заедно?“ на кој ќе стане збор за тоа кои се придобивките кога различните заедници работат и живеат заедно, утре (среда), во хотел Парк Резиденс&Спа, зад градскиот стадион во Скопје.
На настанот ќе учествуваат активистката Лиса Баута Шаќири, актерката Владанка Димковска и Ванчо Орданоски, сопственик на бизнис во ИТ секторот. Настанот ќе го модерира Дијана Тахири, ЦИВИЛ.
Учесниците ќе споделат ставови, искуства и сознанија за тоа дали и како мултикултурализмот и почитувањето на различностите се рефлектираат во работните и животните опкружувања.
Дебатата е дел од Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ што се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
Настанот ќе се пренесува во живо на видео каналот и Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од настанот, ќе се објавуваат на ЦИВИЛ МЕДИА, медиумската платформа на организацијата, на македонски, албански и англиски јазик. Добредојдени се телевизиски екипи, со молба за строго придржување кон протоколите за заштита од Ковид -19.
Дијана Тахири