ВЕСТ НА ДЕНОТ За УНЕСКО Охридскиот регион е во опасност
Објавен извештајот со кој се испраќа јасна препорака: Охридскиот регион да се стави на листата на светско наследство во опасност.
Центарот за светско наследство на УНЕСКО го објави извештајот на Реактивната мониторинг мисија која го посети Охридскиот регион во јануари минатата година. На 125 страници детално се посочуваат сите неправилности околу грижата и заштитата на Охридското Езеро и во Северна Македонија и во Албанија. Во извештајот се бара забрзано спроведување на десетици препораки упатени до властите во двете земји, уривање на веќе изградените дивоградби и безусловно почитување на мораториумот за градба на крајбрежјето. Како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, во него се испраќа јасна препорача: Охридскиот Регион да се стави на листата на светско наследство во опасност.
Мисијата заклучува дека активностите зададени во 2017 година не се исполнети со цел да се надмине ранливоста и заканите кои беа идентификувани пред неколку години. Не само што не кои неправилности не се сопрени, туку се појавуваат и нови проекти и планови кои го загрозуваат Охридскиот регион и укажуваат на нови закани.
Пописот на дивоградбите е чекор напред, но рушењето на бесправно изградените објекти се одвива премногу бавно, особено во Северна Македонија, се наведува во извештајот во кој се бара да се забрза рушењето на терасите изградени на брегот на Охридското Езеро кои на места навлегуваат и во езерските води. Вакви појави се забележани не само во Охрид, туку и во Струга, каде како пример се посочува Радожда, со најголем број на изградени ресторани на крајбрежјето.
„Овој пат, заедно со Албанија го заслуживме истото, бидејќи носителите на власта и нивните прислужници по институциите, во дружба со крупните бизниси, бескрупулозно и насилно, во континуитет чинеа злодело кон едно од најстарите езера на планетата Земја, го запустија наследството, ги нагрдија градовите, ја разграбаа земјата“, велат од невладината организација Охрид СОС.
Според нив, за овие четири години, од претходниот извештај на Реактивната мониторинг мисија во 2017 видовме процеси со динамика еден напред-три назад, шоу со „рушење дивоградби“, план за управување кој се сведе на одредување број на катови, процеси на заштита кои се саботираа.
„Едно чудо комисии, формални документи кои некој ги плаќа, а никој не ги спроведува. Стручните лица на УНЕСКО, тоа лесно ги прозреа“, велат од Охрид СОС кои цитираат делови од извештајот во кој се посочува дека „како резултат на значителни проблеми со управувањето и слаба имплементација на законите, Светското наследство на Охридскиот регион е со висок степен на ранливост“.
„Сето тоа доведе до несоодветни интервенции, негативни ефекти врз градското планирање, предлози за проекти од големи размери што резултира во сериозно влошување на состојбата на урбаниот, руралниот и природниот пејзаж и клучните атрибути на исклучителната универзална вредност. Со тоа, Светското наследство на Охридскиот регион ги исполни условите за впишување на Листата на светско наследство во опасност“, укажува УНЕСКО.
„Пред две години од Баку, властите, државни и локални, се пофалија дека го спасија светското наследство, но место тоа на терен само ги манифестираа(т) своите алчни коруптивни апетити за грабање и ништење. Ова скапо купено време го платија со плус две години деградација на Охридското Езеро, Галичица, брегот, живиот свет… Конечно, маските се симнати и можеме да го видиме вистинското лице на носителите на јавни функции“, децидни се од Охрид СОС.
Центарот за светско наследство констатира дека „постоечките и планирани модификации и урбанизацијата ја интензивираат и онака ранливата состојба на регионот кон точката од каде што нема враќање. По извештајот на УНЕСКО, кој беше испратен до македонските власти во јануари годинава, во кој состојбата во Охридскиот регион е најлошо оценета досега, премиерот Зоран Заев имаше средба со дел од министрите во Владата. На состанокот на кој се разгледуваше извештајот кој укажува дека во Охрид владее урбанистички хаос што го загрозува и уништува живиот свет, беше укажано дека ‘нацрт извештајот на УНЕСКО треба да се прифати како уште еден, до сега најсилен аларм за состојбата со Охридскиот Регион и дека сега се налага огромна потреба за највисоко ниво на ангажираност кај сите чинители за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат езерото‘.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Членството во НАТО не е само формално достигнување
„Вежбата „Одлучен удар 21“ на Криволак покажа дека членството во НАТО не е само формално достигнување туку секојдневна практична заедничка работа на терен која ја легитимира Армијата на Северна Македонија како рамноправна, усогласена, еднаква во способностите со сојузничките Армии. Покажавте се што е потребно да бидеме горди на резултатот!“, напиша министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска на сфојот Фб профил.
Мултикултурализмот, недискриминацијата, еднаквоста, едно/еднакво општество за сите, борбата со хибридините закани против демократијата, говорот на омраза како оружје или социјален експеримент…, се дел од темите кои се опфатени во ова издание на „ЦИВИЛ 7“.
ЦИВИЛ Седум е редовен видео прилог на ЦИВИЛ Медиа, во кој, секоја седмица се отсликуваат активностите и работата на редакцијата на ЦИВИЛ Медиа. Еднаш седмично, тимот на ЦИВИЛ се осврнува на најглавните случувања во државата, како и на активностите кои редакцијата секојдневно ги извршува.
ЦИВИЛ ВО ЖИВО Колку пати се запрашавте денеска?
ЦИВИЛ во живо со Џабир Дерала, зошто протестираат антидигиталците, зошто говор на омраза, до кога со црната пропаганда, можеме ли заедно, и уште многу прашања во дневниот видео прилог.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Ковид мерки – На состанокот на Главниот кризен штаб, по исцрпната дискусија и имајќи ја предвид поволната моментална епидемиолошка состојба со КОВИД-19 во државата по препорака на Комисијата за заразни болести, беа донесени следните предлог-препораки за олабавување на мерките, почнувајќи од 1 јуни 2021 година:
Укинување на мерката носење на заштитна маска на отворено со препорака за носење на маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носењето на заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.
Присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 проценти, од вкупниот капацитет на посетители, се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од 4 лица, да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица
Мерката за полициски час продолжува до 15.06.2021 година.
„Одлучен удар“ Државниот и воен врв на Криволак со високи гости: Македонија фактор на стабилност во регионот и извозник на безбедност
Високи гости на воената вежба „Одлучен удар 21“ на армискиот полигон Криволак, која претставува најголема национална вежба организирана на територијата на Република Северна Македонија.
Пред почетокот на вежбата се обратија премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменик на командантот на ВС на САД за Европа и Африка, бригадниот генерал Џед Шаертл и директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски, при што ја истакнаа довербата помеѓу земјите членки на НАТО и испратија порака за мир и стабилност во регионот.
Закон за државјанство Комисијата за одбрана и безбедност денеска ја почна седницата на која треба да се одржи амандманската расправа за измените и дополнувањата на Законот за државјанството, по скратена постапка, поднесен од пратениците од Алијанса на Албанците (АА) и Алтернатива. За законот, според најавите, се подготвени десетина комисиски амандмани, по разговорите на пратениците и претседателите на СДСМ и премиер Зоран Заев и на АА и Алтернатива Зијадин Села. Претседателот на Комисијата Миле Талевски ја прекина седницата и побара најавените амандмани од АА и Алтернатива да бидат доставени до пратениците, а продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.
Културна соработка Во Министерството за култура на Бугарија, министерот Венцислав Минеков ја пречека својата колешка, министерката за култура на Северна Македонија, Ирена Стефоска.
Двајцата министри се договорија од септември да започнат интензивни контакти меѓу филхармониите на Бугарија и Северна Македонија и да разменат посети. Според министерката Стефоска, сега тоа е потешко да се случи, заради состојбата на Ковид во двете земји. Договорот им овозможува на институциите директно да соработуваат едни со други, а ние, посочува таа, сме должни да создаваме услови и атмосфера за работа меѓу нив. Во рамките на пријателските односи, се очекува да се зајакнат контактите не само помеѓу двете филхармонии, туку и меѓу музеите и театрите.
Интеграции Словенија е добро подготвена за претседавањето со Советот на Европската унија, што започнува на 1 јули, а најважните теми на дискусија ќе бидат Конференцијата за иднината на ЕУ и напредокот на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, а особено почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија, изјави денеска словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Јавен настан на ЦИВИЛ „Можеме ли заедно?“
ЦИВИЛ ќе одржи јавен настан на тема „Можеме ли заедно?“ на кој ќе стане збор за тоа кои се придобивките кога различните заедници работат и живеат заедно, на 2 јуни (среда), во хотел Парк Резиденс&Спа, зад градскиот стадион во Скопје.
На настанот ќе учествуваат активистката Лиса Баута Шаќири, актерката Владанка Димковска и Ванчо Орданоски, сопственик на бизнис во ИТ секторот. Настанот ќе го модерира Дијана Тахири, ЦИВИЛ.
Учесниците ќе споделат ставови, искуства и сознанија за тоа дали и како мултикултурализмот и почитувањето на различностите се рефлектираат во работните и животните опкружувања.
Дебатата е дел од Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ што се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
Настанот ќе се пренесува во живо на видео каналот и Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од настанот, ќе се објавуваат на ЦИВИЛ МЕДИА, медиумската платформа на организацијата, на македонски, албански и англиски јазик. Добредојдени се телевизиски екипи, со молба за строго придржување кон протоколите за заштита од Ковид -19.
Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Зошто би била радоста голема во Република Северна Македонија, ако нешто позитивно се случува во Република Албанија? Па нели сме врзани како сијамски близнаци за влез во ЕУ и тоа што е позитивно за едниот близнак, треба да важи и за другиот, така?!? Загрижени сте заради нон пејперот на Јанез Јанша? Искрено и јас сум загрижен, но мислам дека неговиот (и на неговите ментори) нон пејперот има важност и можност да се исполни колку и договорот на Ставрески и Новак од 23 Јули 2013 година. Каква е таа обратно од паметна смелост на Јанез Јанша? Зарем не се прелеаја доволно балканските реки со балканска крв на луѓе кои имаа свои (сега веќе растурени) фамилии?!? Недоволни ли беа балканските страдања без разлика на вера и нација?!? Уште ли ни требаат војни, и сега длабоко зацапани во 21 век, кога веќе и првата интернет генерација станаа татковци и мајки?!? Немаме ли ум, човечки, доблест човечна, паметни, културни, напредни, модерни и либерални политичари на Балканов? Како тогаш, со каков ум ќе одиме и ќе бидеме дел од ЕУ?!?“, пишува Агрон Биба во колумната Тап и Танап
„Нема друго ќе мора да се потпреме на себе. Ние сме познати како добри домаќини и секој гостин ни е добредојден. Е штом е така, да ја повикаме таа Европа да ни дојде на гости. Да ни покаже како да изградиме правна држава. Како да направиме одржлива економија, како да се бориме против себе и корумпираниот карактер на нашите претставници и слични алатки, кои таа Европа ги употребува веќе со векови за да има пристоен живот за своите граѓани. Колку гостите ќе заседнат ќе зависи од нас и нашата способност да научиме тие алатки да ги користиме.“, пишува Војо Маневски во колумната Македонските патишта за Европа
АНАЛИЗА
Фуере: Историјата и идентитетот мора да останат надвор од ЕУ процесот
Анализата е напишана од поранешниот ЕУ амбасадор во Северна Македонија, Ерван Фуере, кој соработува повремено и со ЦЕПС, каде се посветува во голем дел на Западниот Балкан и ЕУ.
Во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ на крајот на јуни каде Северна Македонија чека дали ќе се надмине ветото на Бугарија и ќе започнат преговорите со ЕУ, ЦЕПС пишува дека Бугарија на земјите членки на ЕУ им презентира еднострана верзија на историјата за време и по Втората светска војна, верзија која ја наведе Софија да бара од Северна Македонија признавање на „бугарски корени“ и јазик.
Фуере, како Ирец по потекло, влече паралела во својата анализа со Ирска и Обединетото Кралство и истакнува дека доколку се следеа историските аргументи во времето на интегрирањето на овие земји во ЕУ, тие немаше никогаш да станат земји членки и додава дека историските дебати не можат да се решат за една или две, па ни десет години.
-Од причини кои се чини повеќе се поврзани за домашната политика, бугарските политички партии одлучија дека сега е најдобро време да ја туркаат нивната верзија на историјата дури и на штета на нивниот најблизок сосед. Тие воедно ја држат политиката на проширување на ЕУ во заложништво, пишува Фуере во студијата на ЦЕПС.
И додава дека со ова Софија исто така ги поткопува принципите и условите за зачленување во ЕУ.
Но поранешниот амбасадор во Северна Македонија упатува критики и до другите земји членки на ЕУ, за кои смета дека вложиле недоволно напор за да ја разубедат бугарската страна.
-Со техничка влада сега во Бугарија и со нови избори закажани за 11 јули се чини дека има многу малку надеж за напредок на време за состанокот на Европскиот Совет на 22 јуни, предупредува Фуере.
За него предлозите за одвојување од Албанија, како што сугерираше еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, но кои набргу беа отфрлени од страна на шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, претставуваат неконзистентност и двосмисленост во пристапот на ЕУ.
-Она што посебно загрижува е дека ако нема напредок и Бугарија го задржи своето вето, автоматски бугарската позиција станува ЕУ позиција, создавајќи дури полош преседан од оној со спорот за името помеѓу Грција и Северна Македонија, алармира Фуере.
Имено, во случајот со Преспанскиот договор промената на името се правеше во замена за отворање на вратите на ЕУ, додека бугарското вето ја уништува оваа надеж, порачува ЦЕПС во својата анализа.
-Ова е дотолку повеќе причина за восхит пред македонскиот народ кој, и покрај постојаните неисполнети ветувања од страна на ЕУ, продолжува да покажува поддршка за членство во ЕУ. Многу млади луѓе меѓутоа веќе ја напуштија државата за да си ја бараат среќата на друго место. Над 120 илјади Македонци добија бугарски пасоши кои им овозможуваат да патуваат и бараат работа во ЕУ, пишува поранешниот ЕУ амбасадор.
Брзи решенија не се доволни, она што треба ЕУ да го направи, смета ЦЕПС, е солиден и сеопфатен дипломатски напор во соработка со други меѓународни организации како Советот на Европа и ОБСЕ. ЕУ, вели поранешниот амбасадор, треба исто така да се сврти кон својата институционална меморија и да ги разгледа другите применети постконфликтни решенија на други места, како Северна Ирска.
-Најважно од сѐ е потреба да се осигури дека процесот на зачленување во ЕУ остане слободен од секакви историски лекции и прашања поврзани за идентитетот. Дијалог, а не вето, пишува Ерван Фуере.
Сѐ зависи од политичката волја, вели тој, блокадите ништо нема да решат туку ќе ги хранат етнонационалистичките струи.
Дијана Тахири