пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Неделава што измина се наслушавме за отворање на патишта. Те од овде до онде, па натаму, па дотаму. Ќе нè чини толку, па оволку и сл. А бога ми и странски државници ни го покажуваа правецот кој треба да го фатиме и по кој пат да одиме, а патиштата господови се незнаени. Од толку употребување на именката „пат“ некако во уши ми останува звукот на „патење“. Секој пат на граѓаните на оваа малечка земја, што повеќе личи на раскрсница е патење и неизвесност. Добрите патишта се изгледа резервирани за други.
Е, кој пат да го фатиме за Европа? Колку страни на светот, има толку и правци имаме. Да почнеме прво со правецот на Југ.
Тој правец си го знаеме и поодамна и сега. Порано за Солун се одело како денес што се оди во Скопје, што и да ти треба таму ќе го бараш. После правецот се свртел од Солунско на Север, многумина го фатиле тој пат и стигнале дури до Ташкент и средноевропските држави. Не зошто го одбрале тој правец, туку затоа што виорите на војната ги однеле натаму. Некогаш трасата на правецот кон Југ се изместувала, па место покрај Вардар водел преку Колешино и Беласица, па до логорите за бегалци на Халкидики. Плажите сѐ уште не биле во функција и патот продолжувал кон Австралија и Канада. Струмичани во Мелбурн сѐ уште раскажуваат за тој пат кон подобриот живот, иако таа рута одамна е затворена. Ако сега преку Југ тргнеме за Европа може повторно да одбереме некој таков правец и да завршиме во далечните дестинации. За тапиите и нивите по Пожарско да не зборуваме. Тој правец може да има и скриени мински полиња што ќе не забават и приморат да останеме по туристичките места, а после спротивен правец и назад во Северна. А и името докрај не го расчистивме, па може да дојде до дезориентација на правците. Постои опасност место на Запад да залутаме во друг правец. Засега тој правец треба да се држи во резерва и внимателно да се испитува квалитетот на патиштата.
На Исток да тргнеме? Од таму ни порачуваат дека сите патишта за Европа воделе преку Софија. Некако изгледа, патот заобиколен и со нови крстосници. И тој правец ни е познат и во двата правци. Во Софија се одело исто како и за Солун. Штом ти треба нешто барај го таму. И за сол и за басма се одело во Софија. И од таму светот се фаќал, до Констанца, до Одеса. На таа попатна станица се останувало како за привремено што преминало во засекогаш. Сега тој правец за нас е деликатен зошто уште на перонот на станицата може да ти се јави некој одамна заборавен роднина и да те потсети на заедничките корења. И како што знае роднинската милост да прерасне во бескрајна расправија, така и сега сме во опасност да се докажуваме кој од кое коренче израснал и кој го наследил оригиналниот квалитет. Колку тоа дрво денес дава плодови и со каков квалитет се тие, не е актуелна тема. За корените се расправаме, а вода на нив не ставаме. А без вода може и да се исуши и коренот и стеблото. И на тој правец има крстосници колку сакаш. Може и таму да залутаме во некој друг правец и да се свестиме дека сме залутале на Исток, во некои студени и магловити предели, па да мораме како оче наш секој ден „Тга за југ“ да си ја кажуваме.
Да фатиме на Запад мои драги сограѓани. Тој правец за некои од нас е познат и посакуван, ама за другите е тотално непознат. Кога е нешто непознато тогаш илјада сомнежи изникнуваат. Високи се планините, лош е коловозот и најголемиот сомнеж за тој правец е “ од таму како ќе стигнеме во Европа„. Преку море не ни е сигурно, слабо стоиме со пливањето. Голем дел од нашите граѓани не се осмелуваат ни кадата да ја полнат до врв, а и гаргара ретко прават, постои можност да се удават во водата. Големо е и просторното прашање за пероните на кои се чека превозот за Европа. И домаќините стојат со полни куфери и чекаат возот да добие дозвола за пат кон Европа. Може и да направиме гужва чекајќи, па отправникот да избира само подобни што ќе се качат на возот. Другите сѐ во опасност да им пропадне картата што скапо ја платиле. Постои опасност и да го налутиме европскиот скретничар, па да го остави возот на станицата и да ни каже на сите – правецот е затворен има поправки на пругата.
На Север да тргнеме на патот кон Европа? Правецот ни е познат и по тој пат одиме веќе скоро еден век. Калдрмата ја излижавме, патувајќи за Белград, по сѐ и сешто. И за дерби натпревари, на концерти, на студии и за сѐ и сешто одевме за Белград. Се сеќавате ли на онаа песна од шеесеттите „возот браќа тргнува право за Германија“. Тој воз одеше во тој правец, а најмногу стоеше токму на таа станица. После продолжуваше за Јесенице, па Минхен, Нирберг и Бон.
Да тргнеме на Север ни е познато, а и вакцинирани сме со нивни подарок вакцини, лесно ќе поминеме граничен премин. За атмосферата на патувањето нема да имаме проблем, затоа што музиката што ја пуштаат е истата што се слуша и по нашите такси возила и кафулиња, на свадби и веселби. Малку ќе мора да се потсетуваме после оваа ковид пауза за веселби, ама ние сме весел народ и за такви активности секогаш сме подготвени. Арно ама, е секогаш има нешто такво. И кај нив за тој правец има еден затворен перон. И кај нив има подготвени куфери и патници, ама возот не добива дозвола за тргнување. Имало еден вагон што бил без декларација, а Европа бара прво да го признае Србија и да го исклучи од својата композиција. Тој вагон требало да добие нова локомотива. Проблемот е што нема технички персонал што би ја направил таа операција, се плашат дека од другите вагони можат да излезат патниците и да се упатат со протести кон дирекцијата на железницата.
Тој перон со заглавеност го имаме и дома, а да стоиме долго на туѓа станица не ни треба. Посебно што може да не фати зима и да треба да носиме капи. Е тогаш може да дојде до промена на капите според модата, па некои наши сограѓани да почнат да носат шајкачи и шубари. Не дека ќе им биде тешко после да ги сменат со друга капа, туку ќе мора меѓу себе да се објаснуваме дали е тоа заради модата или заради главата.
И така ни останува да бараме некој друг правец. Кон небото да гледаме и да велиме дека сме небески народ нема да е добро. И тој правец во небеските правци е заземен од нашите драги соседи. Тие сите сметаат дека Господ е само на нивна страна и дека се од него предодредени за небесни народи.
Нема друго ќе мора да се потпреме на себе. Ние сме познати како добри домаќини и секој гостин ни е добредојден. Е штом е така, да ја повикаме таа Европа да ни дојде на гости. Да ни покаже како да изградиме правна држава. Како да направиме одржлива економија, како да се бориме против себе и корумпираниот карактер на нашите претставници и слични алатки, кои таа Европа ги употребува веќе со векови за да има пристоен живот за своите граѓани. Колку гостите ќе заседнат ќе зависи од нас и нашата способност да научиме тие алатки да ги користиме.
А без приказна не е убаво да ја завршам колумнава. Еден мој тетин кој словеше за паметен човек со бистар ум, пред 45 години го испраќаше својот син на полициско училиште. Се разбира имаше солзи и упатства за покривање ноќеска и носење долги гаќи во зимските месеци, но ми остана во спомен една негова мисла: „Мое беше да ти го дадам правецот и да те качам на вистинскиот воз, а понатаму е твое, ако се качиш на погрешен воз сите станици после се погрешни“.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.