ВЕСТ НА ДЕНОТ: Заврши дводневната посета на германскиот државен министер за Европа, Михаил Рот
Заврши дводневната посета на германскиот државен министер за Европа, Михаил Рот, во која тој се сретна со високи претставници на власта, како и со претставник на ЦИВИЛ.
Тој пред два дена при пристигнувањето во Сопје истака дека крајно време е Европската Унија да ги исполни ветувањата и да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
– Иднината на Западен Балкан е европска – треба да постапуваме одлучно сега за да нема сомнеж во тоа, напиша Рот на Твитер.
Германскиот државен министер за Европа, на првиот ден од престојот во Скопје, имаше средба со неговиот домаќин вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.
„Со оглед на гласниот и активен ангажман на Германија за време и по претседавањето со ЕУ, оваа посета претставува продолжение на германските напори за заеднички пробив на европскиот пат на Северна Македонија. На состанокот ќе се дискутира и за иднината на Берлинскиот процес и самитот кој што е предвиден да се одржи во Берлин годинава, како и за други теми и прашања поврзани со европската перспектива на земјата и регионот, се наведува во соопштението на СЕП.
Германската амбасада во Скопје, пак, информираше дека покрај со Димитров, Рот ќе има средби со премиерот Зоран Заев и со претставници на политичките партии и на граѓанското општество.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Османи: „Преспа форум за дијалог“ е проект за европеизација и дебалканизација на регионот
„Во ова политички динамично време на алтернативни сценарија на Балканот кои од различни страни пристигнуваат преку различни форми на пејпери и нон-пејпери, сметам дека сездадовме автентична, наша платформа која испраќа силен и прецизен одговор за тоа каде му е местото на регионот и како до таму. „Преспа форум за дијалог“ е токму тоа“, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи на панелот „Патот до Преспа форум за дијалог“ во организација на МНР како воведен настан за претстојниот Преспа Форум дијалог кој ќе се одржи на 1 и 2 јули 2021 година.
„Преспа, форум, дијалог“ се наоѓа суштината на трите наши договори од која Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион. Тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство со Бугарија и Договорот за стратешко партнерство со Грција познат како Преспански договор. Трите договори претставуваат силен внатрешен и меѓународен легитимитет и се широко прифатени и дома и меѓу нашите меѓународни пријатели.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
„Можеме ли заедно?“ – дебата на ЦИВИЛ за различноститe
ЦИВИЛ ќе одржи јавен настан на тема „Можеме ли заедно?“ на кој ќе стане збор за тоа кои се придобивките кога различните заедници работат и живеат заедно, на 2 јуни (среда), во хотел Парк Резиденс&Спа, зад градскиот стадион во Скопје.
Учесниците ќе споделат ставови, искуства и сознанија за тоа дали и како мултикултурализмот и почитувањето на различностите се рефлектираат во работните и животните опкружувања.
Дебатата е дел од Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ што се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
Европските вредности и мултикултурата на локално ниво, работилница на ЦИВИЛ во Куманово
ЦИВИЛ организира работилница во Куманово на 3 јуни (четврток) на тема „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свеста и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“.
Ова е само дел од активностите на ЦИВИЛ во напорите да се придонесе кон запознавање, мотивирање и мобилизирање на општеството на сите нивоа и во сите сектори. Конкретно, со оваа работилница се продолжува директната соработка на ЦИВИЛ со општините во креирањето успешни модели за граѓанско учество во процесите на носење одлуки на локално ниво во овие исклучително важно области.
ЦИВИЛ ја препознава потребата од активно вклучување на сите засегнати страни во одговор на прашањата за соработка меѓу локалната власт, граѓанските здруженија, медиумите и граѓанките и граѓаните во негувањето и промоцијата на европските вредности воопшто и мултикултурализмот посебно, како на национално, така и на локално ниво.
Работилницата ќе се одржи со физичко присуство со максимално почитување на протоколите и мерките за заштита и безбедност од Ковид-19.
Работилницата е дел од проектот „Европски перспективи“ што ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
ФЛЕШ ВЕСТИ
РЕФЕРЕНДУМ Двете собраниски комисии – за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија го прифатија предлогот на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ да се иницира референдум за граѓаните да се изјаснат за Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.
ИЗБОРИ Премиерот Зоран Заев се надева дека ќе биде постигнат консензус околу Изборниот законик. Како што изјави денеска, делот околу препораките на ОБСЕ/ОДИХР е усогласен со претставниците на парламентарните партии, остануваат уште дебатите околу предлозите на власта, опозицијата и помалите партии.
ДИПЛОМАТИЈА Вистинска чест е да ја добијам оваа лична покана која ја прифатив со огромно задоволство, бидејќи можноста да соработувам одблиску со колегите од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), кои се ценети мислители и креатори на глобални одлуки е голема привилегија, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров по повод поканата од ко претседавачите на ЕЦФР, со која стана официјален член на оваа водечка меѓународна тинк-тенк организација посветена на европската надворешна и безбедносна политика.
МЕРКИ Комисијата до кризниот штаб ќе ги предложи следните олабавувања:
– Од 1 јуни, заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни.
– Да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски.
– Да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50% исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде 6.
– Спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30% од капацитетот на стадионот…
СЛОБОДНА ЗОНА
„Стартап екосистемот е формиран од луѓе, стартапи во нивните различни фази и разни видови организации на некоја локација (физичка или виртуелна), комуницираат како систем за создавање и размерување на нови стартап компании. Овие организации можат понатаму да се поделат во категории како што се универзитети, организации за финансирање, организации за поддршка (како инкубатори, акцелератори, простори за соработка итн.), истражувачки организации, организации кои обезбедуваат услуги (како правни, финансиски услуги итн.) и големи корпорации.
Локалните самоуправи и владините организации, исто така играат важна улога во почетниот екосистем. Различни организации обично се фокусираат на специфични делови на функцијата на екосистемот и стартапи во нивната специфична фаза и развој“, пишува Ирена Крџиќ во едукативниот текст „Што се стартап екосистеми“?