Претседавачката на ОБСЕ, министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, повика на поддршка на Украина во постигнувањето праведен и траен мир, истакнувајќи дека начинот на кој ќе заврши руско-украинската војна ќе има одлучувачко влијание врз иднината на мирот и стабилноста не само во Европа, туку и низ целиот свет, пренесува Укринформ според обраќањето на Валтонен пред Советот за безбедност на ООН.
„Руската агресивна војна против Украина е најголемата и најдолгата војна во Европа од Втората светска војна. Во Украина, Русија ја крши Повелбата на ООН и секој од десетте Хелсинки принципи. Ги повикувам сите да ја поддржат Украина во постигнувањето праведен и траен мир – што е можно поскоро. Убедена сум дека начинот на кој ќе заврши оваа војна решително ќе ја обликува иднината на мирот и стабилноста не само во Европа, туку и низ целиот свет“, рече таа.
За време на нејзините обраќања пред Советот за безбедност, Валтонен повика на почитување на заедничките принципи и зајакнување на мултилатерализмот, повикувајќи на обновена посветеност на вредностите загарантирани и во Повелбата на ООН и во Завршниот акт од Хелсинки.
„Партнерството ООН-ОБСЕ е од суштинско значење за мирот и стабилноста во евроатлантскиот регион и пошироко. Иако овој Совет ја носи примарна одговорност за меѓународниот мир и безбедност, регионалните напори можат да го засилат неговото влијание“, додаде Валтонен.
Претходно, Валтонен изјави дека изјавата на Путин за наводно подготвеноста на Русија да се бори против Европа „токму сега“ е обид за заплашување на Европа.
М. Д.













































