Про-украинските протести се одржаа низ САД по острите зборови и вербалниот напад на Доналд Трамп и Џеј-Ди Венс кон украинскиот претседател Володимер Зеленски во Белата куќа, и прекинот на средбата.
На социјалните медиуми се појавија видеа и фотографии од демонстранти кои излегоа на улиците на американските градови да ја искажат својата поддршка за Украина и несогласувањето со моменталната политика на раководството на САД кон Украина.
Стотици луѓе се собраа во Њујорк, Лос Анџелес, Чикаго, Бостон, за да ја изразат својата поддршка за Украина по бесниот спор во Овалната соба.
Демонстрантите, исто така, се собраа пред продавниците на Тесла низ САД во саботата за да протестираат против напорите на Илон Маск да ги намали владините трошоци.
Маск, милијардерот извршен директор на Teсла, доби задача од Трамп да го надгледува Министерството за владина ефикасност, попознато како Doge.
Демонстрантите држејќи про-украински транспаренти, исто така, се појавија на патот во Вејтсфилд, Вермонт, каде потпретседателот Венс и неговото семејство беа на одмор на скијање.
На почетокот на неделата беше организиран протест во Вејтсфилд против администрацијата Трамп-Венс, пред судирот на американскиот претседател и заменик-претседателот со Зеленски, но многу знаци укажуваа на расправијата и војната на Русија со Украина.
„Мислам дека [петочниот] настап во Белата куќа веројатно поттикна уште повеќе луѓе да излезат денес“, изјави Џуди Дејли, од Indivisible Mad River Valley, групата која го организираше протестот, за јавното радио на Вермонт.
„[Венс] ја премина линијата“, додаде демонстрантката Кори Жиру.
Американските медиуми објавија дека потпретседателот со семејството се преселил на непозната локација од нивниот планиран ски-центар поради „топлиот“ дочек на демонстрациите.
Драган Мишев