ВЕСТ НА ДЕНОТ
Владата прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена
Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена на барање на Комисија за проценка на енергетскиот сектор во државата, формирана од Министерството за економија.
Како што информираше министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата, одлуката е донесена врз основа на процената на Комисија дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд синоќа изјави дека доколку Алтернатива одлучи да ја урне Владата заедно со Левица, тој ќе ја напушти партијата.
„Во моментот кога политичкиот субјект на кој припаѓам (Алтернатива) утре или задутре, се одлучи да го прифати потписот заедно со Левица на списокот, тогаш мојата одлука ќе биде сигурно напуштање на партијата, можам дури и да го вратам пратеничкиот мандат“, рече Реџепи.
*
-Се наоѓаме во фаза, која би рекол дека беше предвидлива, по неуспехот на некои земји членки на Европската унија да „дадат зелено светло“ за пристапните преговори, кои беа еден од многу силните мотиви за потпишување на Договорот од Преспа и секако за ратификацијата од Собранието во Скопје. Дозволете ми да кажам дека постои одговорност на конкретни држави од Европската Унија, вели поранешниот амбасадор на Грција во Скопје, Александрос Маљас за грчката телевизија „Скај“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДИК Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница, по завршување на сите постапки, ги објави конечните резултати од вториот круг за градоначалник во општините Желино, Брвеница, Студеничани и Старо Нагоричане. Во вториот круг од изборите во Желино победи кандидатот на Движењето Беса, Блерим Сејди, во Брвеница ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, во Студеничани ДПА, Азем Садики, во Старо Нагоричане, Коалицијата Најдоброто за мојата општина предводена од СДСМ, Жаклина Јовановска.
СДСМ Најавената оставка на премиерот и лидер на Социјалдемократскиот сојуз Зоран Заев, анализа на изборните резултати и последните случувања на политичката сцена по поднесената иницијатива за доверба на Владата, се очекува да бидат теми на вечерашните состаноци на највисоките тела на владејачкиот СДСМ. Од партијата потврдуваат дека за вечер во 18 часот е закажана седница на Извршниот, а во 20 часот на Централниот одбор.
НБРМ Закрепнување на македонската економија со раст од 3,9 проценти за оваа и за следната година предвидува Народната банка во најновите макроекономски проекции. На среден рок се очекува умерено забрзување. Инфлацијата е проектирана на 3,1 процент и направена е умерена нагорна корекција во однос на априлската проекција, а следната година се очекува инфлацијата да биде 2,4 проценти.
ОБРАЗОВАНИЕ Министерката за образование и наука Мила Царовска на симпозиум во Краков, Полска, посветен на антисемитизмот, во организација на Европската еврејска асоцијација, истакна дека секоја генерација треба да се насочува кон стекнување вистински етички, морални и човечки вредности и кон препознавање на негативните општествени појави како дискриминација, омраза и нетолеранција, за да не дојде до нови сериозни катастрофи слични на холокаустот.
АНАЛИЗИ
Во изминатиов месец ЦИВИЛ спроведе низа анкети, вклучувајќи и неколку теренски (видео) анкети, прашања на Фејсбук страницата на организацијата и преку онлајн прашалник на кој одговориле 165 граѓан(к)и, кои се активни членови на граѓанските организации и поддржувачи на ЦИВИЛ.
Граѓанките и граѓаните одговараа на прашањето на ЦИВИЛ: Кои се 5-те најголеми проблеми во вашата општина?
Според одговорите што ги добивме може да се заклучи дека на локално ниво граѓаните имаат други секојдневни проблеми за разлика од националните прашања.
Најголеми проблеми со кои се соочуваат граѓаните се уличните кучиња, аерозагадувањето, недостаток на паркинг места, додека најмал проблем им е национализмот, дискриминацијата и нетранспарентноста на општините.
Мирјана Најчевска, во анализата „Зелената иднина е можна со демократија, активни граѓани и владеење на правото (2)“, пишува: „За да ја изградиме зелената иднина ни треба државата. Ама не било каква држава. Потребна ни е држава шахист, која антиципира, која ја гради легислативата врз основа на антиципација и која при тоа се потпира на науката.
Тоа значи дека државата која не вложува средства во науката и развојот, која не обезбедува континуитет во делувањето, туку дозволува секоја партија која ќе ја освои власта да го сруши претходното и да почне одново, која не антиципира, туку реагира и која не е во состојба да гради политики базирани на податоци, не може да биде држава која ќе ја изгради зелената иднина“.
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ
Реџепи би ја напуштил Алтернатива, за Дураку од Алијанса, Апасиев е кловн, во Беса мудро молчат
Помешани „чувства“ кај албанскиот опозициски блок, како што се ближи почетокот на собраниската седница закажана за четврток, на која треба да се гласа недоверба на Владата. Состојбата во двата блока станува се потензична поради големата неизвесност за тоа кој ќе го има мнозинството во Собранието.
По последните случувања, на само ден пред гласањето, останува отворено прашањето која ќе биде одлуката на Алтернатива и Беса за гласањето (не)доверба на Владата.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Би можело да се тврди – додуша, со комотниот бенефит на ретроспекцијата – дека падот од „тронот“ на праведноста, на надежта, а веројатно и од власта на СДСМ по 2016 година започна на денот по бегството на Груевски од државава, пред три години. Јавноста и денеска не ги знае одговорите за тоа како, кој и зошто му помогна на Груевски така срамно, но и вешто, со туѓа помош, да ја напушти државата по десетина години владеење со неа со употреба на сите нелегални и валкани средства и методи, па и со обид за насилен државен удар на крајот од таа национална, недемократска траума и срамота“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Три години од бегството на Груевски…“.
„Во политиката, Заев покажа ретка способност да ја сослуша другата страна, да влезе во чевлите на противникот. Тој им прости и на оние што сакаа да го убијат на 27 април 2017 година. Од него сега се очекува да ги разбере и оние што не му ја прифаќаат оставката. Бројни македонски и европски политичари и лидери јавно го повикуваат да продолжи со својата работа. Треба да ги сослуша. На крајот на краиштата, не го бараат за да му сервираат лесен и вкусен оброк, туку тешки задачи“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЈАЛОТ „Тешките задачи пред Зоран Заев“.
Д. Муратов