Проруските ботови секојдневно дежураат на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ / ЦивилМедиа, и неуморно тролаат под секоја објава, без оглед на темата. Коментарите се едни исти, придружени со вулгарен вокабулар, а кои се однесуваат на замрзнатата американска помош и запирањето на средствата на УСАИД, во кои тие го вклучуваат и ЦИВИЛ – Центар за слобода. Ова се фактите:
Јавноста знае дека ЦИВИЛ – Центар за слобода не е корисник на грантови од УСАИД и не е засегнат со развојот на ситуација поврзана со средства од американската помош.
Од друга страна, неразбирлива е таа воодушевеност од мерките на администрацијата на американскиот претседател Трамп за замрзнување на странската помош и затворање на УСАИД, ако се знае дека оваа помош, освен некои невладини организации, ја користат институции, ранливи категории на граѓани, како и голем број општини во Северна Македонија. Тие средства, меѓу другото, се наменети за подобрување на инфраструктурата, а најсвеж пример за штетните последици од замрзнувањето на средствата за проекти финансирани од УСАИД е запрената реконструкцијата на две улици во Општина Тетово, поради замрзнувањето на странската помош од САД од 800.000 долари, а виси и изградбата на нова водоводна мрежа за Љубанци и Љуботен во Општина Бутел, закочени се и проекти финансирани од УСАИД и во Општина Струмица и Општина Струга, засегнати се и други општини во државата.
Од самото основање, пред 25 години, организацијата е на мета на разно-разни тролови, на кои им пречи борбата на ЦИВИЛ за демократија и човекови права. Тие, со секоја промена на власта го „палеа“, „стрелаа“ и „затвораа“ ЦИВИЛ, му ставаа катанци на врата, а на бројните членови и поддржувачи им упатуваа закани.
Како што не им успеа да го замолчат ЦИВИЛ во предходните 25 години, колку и да се трудат, тоа нема да им успее ниту во наредните 25 години, а ни потоа.
ЦИВИЛ