Стотина граѓанки и граѓани на Скопје денеска протестираа против руската воена агресија и убивањето цивили во Украина. Протестот го организира украинското граѓанско здружение „Лесја Украинка“, по втор пат во Скопје. Главното барање на денешниот протест „Затворете го воздушниот простор над Украина“, е насочено кон заштита на цивилното население кое минува низ ужасот на бомбардирањето на станбени згради, училишта, болници и други цивилни цели.
Протестот го поддржаа повеќе граѓанки организации, меѓу кои и ЦИВИЛ. Можеше да се забележат број граѓански активисти, претставници на дипломатските претставништва, како и бројни новинарски екипи.
Активистите пееја украински песни, а во рацете држеа фотографии од разорувањата на повеќе градови низ Украина, како и транспаренти со пораките: „Рацете подалеку од Украина“, „Стоп за војната“, „Стоп за руската агресија“, „Македонија и Украина, иста судбина“, „Стоп за војан во 21 век“, „Валкани чизми“ како и фотомонтажа од ликот на Хитлер и Путин.
Изјави за медиумите дадоа претставници на „Лесја Украинка“ и украинската амбасадорка Наталија Задорожњук.