ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе одржи прес-конференција пред Државната изборна комисија денеска во 13 часот. Во периодот од 5-ти до 8-ми декември, ЦИВИЛ прими над 600 повици од граѓанки и граѓани, загрижени за тоа дали ќе имаат можност да го искористат своето право на глас на предвремените парламентарни избори в недела, на 11-ти декември. Веднаш по прес-конференцијата, претставниците на ЦИВИЛ ќе им предадат папка со над шеесет добро документирани и образложени случаи на службите во ДИК.
Продолжуваат притисоците врз гласачите! Од почетокот на втората недела од предизборната кампања до ЦИВИЛ стигнаа уште над 100 пријави од сите краишта на Република Македонија. Вкупно, над 170 случаи на притисоци, закани, злоупотреби и други категории на нерегуларности, пристигнаа во ЦИВИЛ од 21-ви ноември до 8-ми декември, не броејќи ги пријавите кои се однесуваат на проблемите со Избирачкиот список.
На денешната прес-конференција ќе се презентира краток преглед од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ и ќе се упатат барања и препораки до партиите, институциите и гласачите.
Специјален гостин на прес-конференцијата на ЦИВИЛ ќе биде Драган Зелиќ, експерт од ГОНГ, Хрватска, организација која овозможи експертска поддршка на нашата организација и испраќа тим од мобилни изборни набљудувачи да работат заедно со домашните набљудувачи.
На прес-конференцијата се поканети медиумите, но и засегнатите граѓанки и граѓани и претставници на граѓанското општество.