НАСТАН НА ДЕНОТ
Претседателот Пендаровски со поддршка на заложбите на ЦИВИЛ за мултикултурно општество
Претседателот Стево Пендаровски денеска прими преставници ЦИВИЛ, по повод почетокот на реализацијата на проектот „Чекор напред кон мултикултурно општество“.
Претставниците на организацијата го информираа претседателот за активностите во рамки на проектот, што ќе бидат насочени кон промоција на мултикултурализмот, почитувањето на различностите и недискриминацијата во општеството како фундаментални човечки и европски вредности, а ќе се реализараат со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Пендаровски, истакнувајќи ја важноста на темите опфатени во проектот, изрази поддршка за активностите на организацијата и заложбите за мултикултурно општество.
ВЕСТ НА ДЕНОТ
Американскиот Сенат усвои резолуција со која Путин се осудува како воен злосторник
Сенатот на САД во вторникот едногласно усвои резолуција со која се осудува рускиот претседател Владимир Путин како воен злосторник, пренесува Ројтерс.
„Резолуцијата, претставена од републиканскиот сенатор Линдзи Греам и поддржана од сенаторите на двете страни, го охрабрува Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг и другите земји да ја таргетираат руската војска во секоја истрага за воени злосторства извршени за време на руската инвазија на Украина. “, се вели во резолуцијата.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ковачевски: Имаме најефтина цена во регионот за нафта и нафтени деривати
Ковачевски нагласи дека дел од компаниите кои што работат на пазарот со нафта и нафтени деривати покажаа шпекулативно однесување, а тоа веднаш беше санкционирано од страна на соодветните инспекциски служби.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Во Чернихив, во еден од градските студентски домови, руските војници пукале врз луѓето кои стоеле во редот за леб, јави дописникот на Суспилне од местото на настанот. Според информацијата, гранатирањето се случило на 16 март околу 10 часот. Во гранатирањето загинале најмалку 10 цивили.
21 ден од војната. Окупаторите оштетија 117 болници. Седум од нив не се поправаат. Четириесет и три амбулантни возила беа нападнати. Министерството за здравство продолжува со својата работа заедно со лекарите и партнерите“, објави министерот за здравство на Украина Виктор Лиашко на Фејсбук. До утрото на 16 март, од почетокот на руската војна против Украина загинаа 103 деца.
Руските окупатори продолжуваат намерно да го уништуваат Харков. Непријателот фрла касетни бомби врз цивили во градот и предградијата, отвора артилериски оган од системите Град и Смерч, истрелува крстаречки ракети. Историскиот центар на Харков, цели станбени области, училишта, болници, градинки и инфраструктурни објекти се во урнатини“, објави полициската управа на регионот Харков
Руските окупатори се борат против објективното покривање на нивните воени злосторства во Украина, најмалку 35 новинари веќе се ранети, изјави комесарот за човекови права на Врховната Рада, Људмила Денисова, а пренесе Интерфакс Украина. Според неа, тројца новинари се веќе убиени.
Украина не доби одговор од Меѓународниот комитет на Црвениот крст за хуманитарните коридори за евакуација на цивили на 16 март.
Прашањето за поставување вакви коридори останува нерешено за Изиум и Мариупол, изјави на брифинг Ирина Верешчук, вицепремиер, министер за реинтеграција на привремено окупираните територии на Украина.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Јавниот обвинителот во аферата „Меѓународен сојуз“, Трајче Пеливанов побара од судот да ги прогласи за виновни првообвинетиот Бојан Јовановскии неговите соработници Јасна Ерцеговиќ, Христина Блажевска и Фросина Ременски.
ИЗБОРИ Кандидатот за градоначалник на СДСМ за општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски, изјави дека СДСМ ќе ја повлече кандидатурата за Маврово Ростуше откако ВМРО ДПМНЕ не собра храброст да излезе пред граѓаните на Маврово и Ростуше на повторените локални избори кои треба да се одржат на 17 април.
НАТО Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во седиштето на НАТО во Брисел ќе учествува на вонредниот состанок на министри за одбрана на НАТО Алијансата, соопштуваат од кабинетот на министерката.
ПРЕГОВОРИ Украина денеска ги отфрли предлозите на Русија за усвојување неутрален статус по примерот на Австрија и Шведска, велејќи дека разговорите со Москва за прекин на огнот треба да се фокусираат на „безбедносните гаранции“.
ЧОВЕКОВИ ПРАВА Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која 15 март го прогласи за Меѓународен ден против исламофобијата. Резолуцијата е усвоена на предлогот од Турција и од Пакистан до Генералното собрание на ОН во име на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ).
ПОМОШ ЗА УКРАИНА Министерот за надворешни работи Бујар Османи и Генералниот Секретар на Црвен Крст Саит Саити, денес, среда, 16 март 2022 година, организираат хуманитарен настан за собирање помош за Украина, апелирајќи преку Стопанските комори до компаниите за хуман гест и донација на средства или нивни производи. Воедно Министерството за надворешни работи и Црвениот Крст на Република Северна Македонија ќе потпишат Меморандум за соработка
АНТИ-КОВИД МЕРКИ Учениците од основните училишта се ослободуваат од носењето маски, но мерката останува за наставниците и техничкиот персонал, капацитетот на исполнетост на затворени објекти, како опери, театри, кина се зголемува од 50 отсто на 75 проценти и се укинуваат сертификатите за престој во отворениот дел од угостителските објекти. Ова се трите мерки усвоени од Комисијата за заразни болести, кои таа ќе ги препорача на Главниот кризен штаб и на усвојување од Владата.
ВИСТИНОМЕР Граѓаните како најголем виновник за застојот во процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија ги посочуваат опструкциите од соседните земји кои се членки на ЕУ, но има и такви кои сметаат дека државата не направила доволно во реформскиот процес. Ова доведува до пораст на поддршката за Евроазиска унија предводена од Русија, покажуваат двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“, спроведени во ноември минатата година, пишува „Вистиномер“.
ГРАЃАНСКИ АКТИВНОСТИ
Мултикултурното општество во фокусот на ЦИВИЛ, утре, 17 март, 14 часот
ЦИВИЛ продолжува со серијата онлајн настани насловени „Во Фокусот“, овој пат на тема „Мултикултурализам: Основа за развој, стабилност и почитување на човековите права и слободи“. Настанот ќе се одржи утре, четврток, 17 март, со почеток во 13: 30 часот.
На панелот ќе се отворат прашања за еднаквата основа за развој во различни сфери и аспекти, како што е застапувањето, образованието, вработувањата и слично, како да се креира и да се задржи таа еднаква основа, врз која се гради стабилноста на едно општество во сите аспекти. Со еднаквата основа за развој се почитуваат и човековите права и слободи, и се негува мултикултурализмот во нашето општество. Учесниците ќе имаат можност да дискутираат за сите овие прашања, онлајн или со физичко присуство, а настанот ќе биде емитуван во живо на онлајн каналите на ЦИВИЛ.
СЛОБОДНА ЗОНА
Уште малку и Путин ќе почне да истрела проектили кон Полска и балтичките држави. Најверојатно од територијата на „ЛДНР“ и Белорусија.Само за забава. Што ќе направи НАТО? Не знам. Сè уште никој не знае. Се надевам дека целиот свет ќе плати за смирувањето на Путин и, како резултат на тоа, за геноцидот на сите народи во Украина, Кога фараонот решил да ги мачи Евреите, повикал тројца советници.Јитро – беше категорично против, побегна и неговото име е засекогаш запишано во Тора. Билам негативецот – го поддржуваше фараонот, долго време живееше во богатство и чест и брзо умре од еврејскиот меч. Но имаше и трет – кој ништо не рече. Не одобри, но и не се спротивстави. И влезе во историјата на целото човештво како симбол на бескрајни и страшни маки. Неговото име е Јов. Вечно потсетување за сите оние кои сега молчат, пишува Уриел Штерн/OBOZREVATEL во колумната „Потсетување до сите што сега молчат“
Д.Мишев