„Оваа година одбележуваме девет години од постоењето на уличното списание „Лице в лице“ со што ја подигаме свеста во повеќе нивоа и ја зајакнуваме мисијата за вклучување на ранливи сограѓани кои се вклучени како продавачи на списанието. Преку ова работиме на интеграција на ранлива категорија на граѓани, тие се вклучени како продавачи и заработуваат половина од продажбата на списанието и со нив се работи преку посебна дизајнирана менторска програма која треба да ги подготви за пазар на труд“, вели Маја Раванска, одговорна уредничка во уличното списание „Лице в лице“, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Преку почитување на различностите до справување со дискриминацијата“.
Раванска посочи дека соработуваат со мрежа на партнерски организации, но кои од организациите се бават со лица со попреченост, поранешни младинци од улица, како и организации кои работат со ранлива категорија на граѓани.
„Нашите продавачи не ни препознаваат дека се дискриминирани. Ние дознаваме од нив преку разговор дека всушност на некој начин се дискриминирани. Ние како општество сè уште не можеме да ја препознаеме дискриминацијата“, вели таа.
„Не треба само да констатираме дека реалноста не ни се допаѓа, дека се дискриминирани луѓето, дека не им се дадени еднакви можности, и толку, треба да делуваме тоа да го смениме. И во институциите работат луѓе, на никого не му одговара ваква ситуација во која се наоѓаме во полето на дискриминација и на неразбирањето на различностите и знаеме кое е решението. Зошто да не делуваме на тоа поле, или полесно ни е да го впериме прстот кон некого…
Решението за крај на пандемијата е сите да се вакцинираме, меѓутоа ние имаме случај како што е Валентин кој не може да се вакцинира бидејќи нема матичен број. Такви како него има многу во државата. Тој не може да има еднаквите шанси за здравјето како останатите. Зошто државата и системот за едни е мајка за други е маќеа. Дојдовме до заклучок дека овој гнил систем на државата мора граѓаните да го туркаат и да го сменат. Верувам дека случајот со Валентин ќе добие разрешница и ќе може да си го оствари своето право на здравствена заштита“, вели таа.
Раванска потенцира дека покрај еднаквоста треба и правичноста да биде повеќе застапена во нашето општество.
„Што ако сме сите еднакви, на пример образованието е загарантирано, но што ако некое дете го пратиме во училиште, но тоа нема што да јаде, ниту претходниот ден немало што да јаде, дали тогаш станува збор за еднаквост? Затоа концептот на правичност и праведност е клучен“, порача на крајот Раванска.
Панелот е дел од проектот „Направи разлика, почитувај ги различностите“, во соработка со Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Д. Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети