ЦивилМедиа на својата Фејсбук страница го постави ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ: Што мислите за одлуката на Владата за минималецот без консултација со работниците?
Одлуката на Владата за минималната плата без консултација со работниците предизвика бурни реакции меѓу граѓаните, кои своето незадоволство го изразија преку коментари на нашата официјална Фејсбук страница. Според нив, оваа одлука е уште еден показател за недемократскиот начин на владеење и непочитувањето на волјата на работниците.
„Срам!“ – гласи еден од пократките, но мошне јасни коментари, кој ја отсликува разочараноста на граѓаните.
Многумина сметаат дека Владата се однесува како државата да е „нивно наследство“. „Како државата да е наследство на татко им!“, гласи еден од коментарите кои алудираат на арогантниот однос на властите.
Други пак, ја нарекуваат оваа одлука диктаторска: „ДИКТАТОРСТВО И ТИРАНИЈА“ и „Анархија, режимот се врати“, што укажува на длабокото незадоволство и перцепцијата дека се повторуваат авторитарни практики.
Некои читатели потенцираат дека ова не е првпат Владата да носи одлуки без консултации со граѓаните: „Па по мое тие се и влада и газди на државава. Никого не прашува, работа по нивно. Само лошо е што животот е тркало. Денеска си горе, ама утре може да биде на земја.“
Во сличен дух, еден од коментаторите саркастично забележува: „Јас не знам зошто воопшто го бараат гласот од граѓаните на избори кога не ги редат на малото прсте. Нека го средат уште тоа сами да си се гласаат помеѓу себе и сликата ќе биде комплетна.“
Постојат и коментари кои ја споредуваат состојбата со претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека „Секогаш е вака кога овие се на власт, минималецот не го мрдаат, ама пензиите одат нагоре“.
Граѓаните изразуваат огорченост кон економските политики на Владата, нарекувајќи ја ситуацијата „мизерија“.
Меѓу коментарите се најде и повик до синдикатите за итна реакција: „Треба синдикатот одма да повика на општи штрајк и протести, со барање минималната плата да биде покачена за 4000 денари.“
На крајот, некои читатели сметаат дека проблемот со владините одлуки ќе се реши само со структурни промени во изборниот систем: „За владата се најубаво до наредни избори, ама прво една изборна единица и отворени листи. Доста е веќе или тие или овие, време е народот да си ги бира, а не партиите.“
Јасно е дека одлуката за минималната плата без консултации со работниците не само што предизвика незадоволство, туку и ја зголеми недовербата на граѓаните кон институциите. Останува да се види дали Владата ќе одговори на овие реакции или ќе продолжи со еднострани одлуки кои ја поткопуваат демократијата.
За сите коментари повелете оригиналниот пост на Фејсбук пејџот на ЦивилМедиа.
А.М.