ВЕСТ НА ДЕНОТ
Денеска во 11 часот започна собраниската седница, на која најдоцна пред полноќ треба да се гласа за доверба на Владата на премиерот Зоран Заев. И покрај најавите за мнозинство за гласање недоверба, неизвесно е како ќе помине гласањето. Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. По реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, својот потпис вчера од иницијативата ги повлекоа Апасиев од Левица, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
За Собранието да ја изгласа одлуката за недоверба на Владата, потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот. Но, останува да ја извршува функцијата до изборот на нова Влада.
Кастриот Реџепи од Беса, иако неговата партија објави дека ќе гласа за недоверба на актуелната влада, денеска не дојде на седницата. Со неговото отсуство, де-факто, нема кворум за гласање во Собранието.
ИЗЈАВИ НА ДЕНОТ
„Една од главните причини за мене и за политичкиот субјект Движењето Беса на кој припаѓам, е евроатлантската интеграција на РСМ. Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември земјата најверојатно има големи шанси да добие датум за отпочнување преговори за членство во ЕУ, решив да не учествувам на собраниската седница на која требаше да се донесе одлука со која ќе се доведе во прашање оваа витална национална и државна цел. Како одговорен политичар и пратеник, оваа одлука не ја донесов лесно, ставајќи го интересот на народот и државата на прво место. На државата во овој значаен период не и треба политичка криза и потопување во турбулентни води полни со непознати“, напиша на својот Фејсбук профил, Кастриот Реџепи од Беса.
Груби: Во Собранието има два табора – еден про-ЕУ и втор кој води во изолација
Во врска со обвинувањата на опозицијата дека „некој од власта му се заканувал“ на пратеникот Кастриот Реџепи од Беса, кој преку Фејсбук најави дека решил да не учествува на денешната седница на Собранието на која треба да се гласа по Иницијативата за недоверба на Владата нa премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Артан Груби истакна дека тоа не е вистина.
„Не е точно, не е вистина. Кастриот секогаш беше ориентиран про-ЕУ, про-НАТО, кон пријателството со САД. Ми беше колега во Холандската амбасада, сме работеле заедно и ги знам неговите убедувања дека неговото срце спие во Вашингтон и во Брисел“, изјави Груби за ТВ21.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОМРАЗА Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се појави во Собранието, откако опозицијата не успеа да обезбеди кворум за седницата за гласање недоверба на Владата и остана без пратеникот Кастриот Реџепи од Беса. На прашање од новинарите дали ќе се најде друг пратеник на местото на Реџепи, Мицкоски не одговори, туку го спореди пратеникот со Амди Бајрам, кој своевремено оневозможи да ѝ се изгласа недоверба на некогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ, Демократската алтернатива и ДПА.
„За современиот, нека му е лесна земја, Амди Бајрам?“, рече Мицкоски и влезе во собранието.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во текот на денот постојано шири лажни вести и дезинформации. Прво напишал дека Финансиската полиција упаднала во дом на опозициски пратеник кој има имунитет. А потоа, дека е киднапиран пратеник за да не гласа за недоверба на Влада.
ПОВИЦИ Уредниците на „Инфомакс“ и „Лидер“, Александар Митовски и Љупчо Златев, го повикуваат народот да излезе на улица доколку ВМРО-ДПМНЕ, Левица, БЕСА, Алијанса за Албанците и Алтернатива не успеат да изгласаат недоверба на владата.
Митовски од „Инфомакс“, покрај тоа што во неговиот пост изнесува дезинформации дека пратеникот на Беса е киднапиран, меѓу другото, пишува: „За вакво дупење во мозок на народот, треба да им се случи и улица“.
Уредникот на Лидер, Златев уште пред два дена ги повика граѓаните да излезат на улица доколку не падне владата предводена од Зоран Заев, при што ги прогласи и насилните методи како легитимни.
ДИГИТАЛИЗАЦИЈА Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) предлага да се креира јавно достапна дигитална апликација која ќе им овозможи на граѓаните непосредна и брза комуникација со локалните власти, како и мониторинг на дадените ветувања и нивната реализација од секој заинтересиран граѓанин, од медиумите, граѓанските организации, бизнис заедницата итн.
ДИСТРИКТ
Во ДИСТРИКТ на Цивил Прес Студио – интервју на Зоран Иванов со Џељал Незири. Во интервјуто, Незири зборува за: Локалните избори и непредвидливите резултати, нова влада без нови парламентарни избори, актуелните поместувања во албанскиот партиски кампус…
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ајде, ова утро, да ги „прескокнеме“ сите правни и политички контроверзи (стара иницијатива, нова иницијатива, најнова иницијатива… па што ќе каже Џафери за тоа итн. и на тоа сл.) во кои е заглавена опозицијата со обидот да ја сруши сегашната Влада и да тргнеме обратно: да замислиме дека вчера ВЕЌЕ е изгласана недоверба на Кабинетот на Заев (ура-ура, бац-бац, победивме, фиторен, браво, браво, живели, гзуар!) и дека денеска сме се пробудиле со ново владино мнозинствоооо…
И, што сега?
Никој од иницијаторите за рушење на Владата јасно не кажува што мисли да прави „денот потоа“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Нема омлет без кршење јајца“.
„Главните иницијатори, Мицкоски и Апасиев (без формален потпис, но со практично учество во операцијата), не кажуваат дали имаат план што понатаму, по гласањето за недоверба. Но тоа е само навидум така. Од Месечината се гледа дека се работи за добро подготвена и скапо платена операција, со план што не е изработен во Скопје или било каде во Северна Македонија.
Планот е скован во Москва, а логистичкиот центар е во Будимпешта. Ете на која оска се наоѓаат лидерите на трите партии на Албанците, кои својата „борба“ ја портретираат како борба против ДУИ. Малку се споменува Заев во нивниот наратив.
Очигледно, цената да се биде за или против ДУИ е вртоглаво висока. На крајот на краиштата, да се биде играч, макар и руски, не е мала работа. Со или без „фингерпринтот“ на апасиевците“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЈАЛОТ„Да се биде руски играч не е мала работа“.
Д. Муратов