ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЕСМ: Рестрикции на струјата не се опција и не се предвидени
Се наоѓаат начини кои нема да дозволат зголемување на цените. Блок тарифите за домаќинствата носат резултати. Сите домаќинства и малите потрошувачи добиваат електрична енергија 80 отсто субвенционирана од државата. Ако бидат цените реални, граѓаните ќе плаќаат 5 пати повисоки сметки. Tенденцијата е да нема зголемување на цената на струјата, во ваква енергетска криза, колку што може ЕСМ ќе направи за да влијае, посочи денеска генералниот Директор на АД ЕСМ м-р. Васко Ковачевски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Рама: Неопходно е обединување додека паѓаат бомби во Украина
„Ова е извонредна прилика и неопходно е обединување додека паѓаат бомби во Украина. Поради војната цела Европа е погодена од енергетска криза и инфлација“ изјави албанскиот премиер Еди Рама на регионалната конференција за енергетика во Белград.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Русија изврши ракетен напад врз украинскиот пристанишен град Одеса при што беше погоден цивилен инфраструктурен објект, објави на Твитер украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко, потпретседател на Комитетот на ПССЕ за миграција, бегалци и раселени лица.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СКРИНИНГ „Зелена агенда-Обновливи ресурси, македонска храна, европски пазари“, беше темата на вториот настан што денеска се одржа во Скопје, посветен на годишниот Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2022 година „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“.
СТУДЕНТСКИ СТИПЕНДИИ Растот на стипендиите во Северна Македонија ќе биде ограничен годинава поради кризната состојба, а укинувањето или промените во методологијата на пресметки на одредени стипендии и бенефиции како студентски оброк, ги натера студентите да се организираат на протести.
ИСТРАГА Во истрагата и во обезбедувањето на информации и докази се вклучени сите капацитети на повеќе сектори на министерството за внатрешни работи, како и партнерските служби и иако досега сите дојави се лажни, по секоја мора да се постапува по строго дефинирани протоколи кои не може да се изземат, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
ШТЕДЕЊЕ Како одговор на тешкотиите и нарушувањата на глобалниот енергетски пазар предизвикани од руската инвазија на Украина, Европската комисија го претстави планот REPowerEU, кој исто така ја нагласува енергетската ефикасност, производството на чиста енергија и диверзификацијата на снабдувањето со енергија.
УНИВЕРЗАЛНА САЛА Се очекува да се формализира решението околу тоа како ќе продолжи реконструкцијата на објектот на Универзалната сала, откако на владина седница беше донесена одлука да се издвојат финансиски средства и евентуално централната власт да го финализира објектот. Се очекува одговорноста да ја преземе Министерството за култура, по неуспехот на градоначалничката Данела Арсовска, која пак дополнително го комплицираше и опструираше процесот, а објектот остана разурнат.
РЕГИОН
Пратениците на Српската листа, кои пред денови поднесоа оставки од мандатите во Собранието на Косово, се сменети со други пратеници на оваа партија, јавува косовски Телеграф.
СВЕТ
Републиканците обезбедија тенко мнозинство во Претставничкиот дом, последователно по финишот на среднорочните избори кои беа севкупно разочарување за републиканците, кои очекуваа „црвен бран“ наспроти најжешката инфлација во последните 40 години. Нивната победа практично ќе и даде на партијата право на вето на агендата на претседателот Бајден во следните две години, пренесува Њу Јорк Тајмс.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ
Дезинформација: Шербеџија злоупотребен за партиска пропаганда на Левица
И познатиот актер и сестран уметник од светски калибар Раде Шербеџија е злоупотребен за партиска пропаганда на Левица. Никој немаше ниту да забележи дека Левица отвориле уште еден партиски штаб доколку лидерот на Левица, Димитар Апасиев не објави уште една во низата лаги и манипулации на неговиот Фејсбук профил, дека наводно „Раде знае кај е силата“ со хаштаг #ПредДождот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Има разлика меѓу злоупотребата на јавните пари за политички цели и кампањите од јавен интерес. Со бришење на член 102 од законот за медиуми, ќе се пополни огромна празнина во јавната комуникација. Но јавните пари мора навистина да се трошат наменски и транспарентно, а не да служат за задоволување на апетитите на големите медиумски газди. Со други зборови, може јасно да се препознае дека дел од медиумите имаат добри барања, но од сосема погрешни причини. Таму е проблемот, не во можноста да се искористат јавните пари за кампањи од јавен интерес.“, во ES-PRESS-O од Џабир Дерала „Нашата планета не е рамна плоча! Груевизмот ги контролираше медиумите со јавните пари, време е да се користат за заштита на јавниот интерес“.
Д. Тахири