„Утре е 23 октомври, денот на македонската револуционерна борба, денот кога е формирано МРО подоцна преименувана во ВМРО. Гледам дека актуелната власт бега од овој празник, бега од негово славење, од давање на наградите кои секоја година се даваат, размислуваат да го укинат празникот. Од што се срамат и плашат? ВМРО била и ќе биде заштитник на државните и национални интереси на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на средбата со жителите на скопско Стајковци, како што објавува официјалната веб страница на оваа партија.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го прослави 23 Октомври во Штип, со почеток во 13 часот, вели една информација објавена на портал близок до Никола Груевски.
Истовремено, до јавноста пристигна и покана за прослава во Скопје, во МКЦ (City Hall Center), со почеток во 19:30 часот. Поканата е придружена со промотивен видео клип за значењето на ВМРО низ историјата и во сегашноста. „Слободни, солидарни, обединети“ – се вели на крајот од ова видео, подготвено од Реформаторите кои, очигледно, добиваат сè помасовна поддршка од членството на ВМРО-ДПМНЕ, па одлучиле и централната прослава во име на партијата да ја организираат во главниот град на државата.
„Очигледно некому му е потребна намерна и свесна забуна, што говори дека сметките на крајот не им излегуваат онакви на какви се надевале. ВМРО-ДПМНЕ останува голема партија. Партија на народот и за народот, дел од кодот и најсветите чувства за државност и слобода“ е реакцијата на луѓето блиски до Груевски кои утрешниот ден ќе го одбележат овој датум во Штип.